| четврток, 6 декември 2018 |

Не смеете да ги кратите опашката, ушите и канџите на миленикот

На влезната врата секој сопственик на куче треба да постави табла со која се укажува на присуство на куче, без разлика дали е опасно. Kучето на јавно место задолжително мора да се води со подводник, а ако е опасно, мора да носи и кошница преку устата, освен на специјални места, како паркови за миленици, каде што кучето може слободно да трча во присуство на сопственикот, ова се новите измени и дополнувања на Агенцијата за храна и ветерина (АХВ) на Законот за благосостојбата на животните, пишува „Дневник“.

Без подводник може да одат само ловечките кучиња за време на лов и овчарските додека го придружуваат стадото. За да имаат сопствениците каде да ги истрчаат кучињата, општините и Градот Скопје се должни да определат временски периоди и соодветно означени јавни површини за таа намена. Законот пропишува и дека сопствениците не смеат да ги напуштаат домашните миленици.

– Врз милениците е забрането да се вршат хируршки интервенции за модификување на изгледот, скратување на опашката и потсекување на ушите, девокализација, отсекување канџи и обеззабување – се вели во законот.

Првпат кај нас ќе се формира регистар на опасни кучиња, кои ќе се прогласуваат врз основа на одредени критериуми или расни карактеристики.

– Ако некој сака да чува опасно куче, треба да исполни одредени услови. Мора да го чува во заграден простор или врзано, а при движење, освен подводник, задолжителна е и маската. Малолетник не смее сам да шета опасно куче. Ако сопственикот не го прави ова и не му е јасно зошто е потребно кучето да му е врзано, ќе мора да помине соодветна обука во АХВ – велат во Агенцијата.

Kучињата кои што бидат затечено во организирана борба, ќе се одземаат од сопствениците и ќе се сместат во прифатилиште.

– Во случај кога куче нападнало човек или животно, се врши процена на околностите во кои се случил нападот. Ако нападот не бил испровоциран или кучето е агресивно, а сопственикот сака да продолжи да го чува, тоа ќе биде кастрирано, а газдата ќе треба да посети обука. Ако не сака да го чува, ќе се изврши процена дали е за вдомување, а на сопственикот ќе му се забрани чување опасни кучиња во период од пет години. Ако кучето нападнало човек вторпат, тоа веднаш се одзема и евтаназира, а сопственикот добива забрана за чување какви било кучиња во период од пет години – се вели во законот.

Kазна од 30 евра во денарска противвредност ќе добие сопственикот што не го води кучето врзано. Ако го напушти миленикот, ако ја поттикнува агресивноста и врши хируршки интервенции, казната изнесува 150 евра. Тој што нема да го пријави кучето на ветеринар ќе биде казнет со 30 евра, а толкава е казната и ако на влезот нема табла „внимавај куче“. Со 3.000 евра ќе се казни физичко лице ако предизвикува болки, срадање или повреди на животните. Овие законски одредби и казни ќе ги спроведуваат и државните и општинките комунални инспектори.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top