Тони Цетински со нетрпение го очекува својот прв солистички концерт во Скопје на 28 ноември во салата „Борис Трајковски“. Допатува во Скопје за да го најави својот настап и се сретнавме да поразговараме за нешто помалку познато на јавноста… за подготовките пред секој концерт, автобиографијата што планира да ја напише, за дружењето со Тоше… Иако ни призна дека повеќе сака да пее отколку да говори, идниот член на жирито на најпопуларното музичко шоу „Глас“ (The voice) за овој регион, мошне професионално, отворено и искрено одговори на нашите прашања.
По пристигнувањето во Македонија на „Фејсбук“ веднаш напишавте: „Посебно е чувството да се дојде во Македонија. Толку убави сеќавања ме врзуваат за оваа земја“. Какви сеќавања Ве врзуваат?
Цетински: Кога постојано сте на терен и постојано настапувате повеќе сеќавања имате за престојот во некој ресторан или во некоја коноба, кај нас, како на пример кога Тоше беше на гости кај мене. А конкретно веднаш по концертот ви останува впечатокот за тоа каков бил концертот. Но, интимното ти доаѓа по некое време. Тогаш ти се враќаат слики… како ве примиле луѓето, со кого сте се дружеле, дали сте биле на пазарење, во ресторан… тоа се тие сеќавања.
Имате ли некакви ритуали пред да излезете на сцена?
Цетински: Пред да излезам на сцена сакам да бидам сам. За да се концентрирам, ја гледам сцената каде што би се одвивал настапот, го гледам списокот на песни, но ништо не е фиксно. Знам да реагирам во секунда кога ја гледам реакцијата на публиката, па комбинирам и може да го сменат списокот на песни. Но, по концертот сакам да бидам во друштво. Знаете, на концертот има многу голема енергија од публиката, а потоа влегувам во гардеробата и одеднаш сум сам. Преголема е промената во енергијата и затоа ги викам сите, цела група да дојде во гардероба да се дружиме пред спиење. Не можам веднаш да заспијам, преголем е адреналинот по концерт. И јас сум човек.
Се подготвувате ли физички пред концерт? Како изгледаат Вашите денови пред концерт или турнеја?
Цетински: За тоа е задолжена мојата сопруга. Откако сме заедно, јас повеќе сум во сала за вежбање отколку што пеам. Таа води грижа за тоа бидејќи јас сум мрзлив и уморен од патување. Таа ме тера наутро кога ќе станеме да одиме да вежбаме. Пред тоа се занимавав со тенис, завршив инструктор за скијање, но откако почнав да се занимавам со музика, повремено играм фудбал со колегите. Се чувствувам посилен од вежбањето, помалку се потам, ми помага да издржам физички на концертите, но имам и повеќе воздух за пеење.
Зад Вас во овие 25 години се голем број концерти, албуми, дуети со ѕвезди од просторите на поранешна Југославија, но и со странски ѕвезди. Дали сте размислувале некогаш тоа искуство да го ставите на хартија, да напишете автобиографија?
Цетински: Да, за тоа веќе со години се зборува, но сѐ уште не сум решил. Имам идеја да напишам книга и потоа евентуално да се сними филм по неа, но не знам дали тоа ќе биде интересно за пазарот. Сигурно во тие 25 години што сум ги проживеал има нешто интересно. Секој од нас има некоја своја приказна. Можеби тоа би било интересно за обожавателите и за луѓето што го следат тоа што го работиме, но дали е тоа доволно за да се сними филм, не знам. Можеби ќе напишам книга или сценарио, но мислам дека сѐ уште е рано за такво нешто. Немам време сега за тоа.
Доколку се снима филмот, кој би ве глумел Вас? Имате ли некоја желба?
Цетински: Мене? Не знам кој би можел да ме глуми. Не сум размислувал толку далеку. И не сум толку нарцисоиден да размислувам да ме има и мене во филмот. Но секој од тие настани во текот на 25 години се интересни. Сигурно не сум таков да сакам да снимам филм за себе. Мислам дека е поинтересно да се напишат некои вистинити работи во книга, нешто што сум преживеал.
Најмногу пеете за љубовта. Инспирацијата ја црпите од сопствените искуства, случки, настани или и од пријателите, семејството…? Според Вас, која песна е тоа што е Тони Цетински?
Цетински: „23 просинац“. Всушност јас сум речиси во секоја песна. Во секоја песна настојувам да бидам јас, никогаш не сум глумел нешто друго, тоа е како мајка што има седум деца и ја прашувате кое дете најмногу го сака. „23 просинац“ е тоа нешто што е најдлабоко, дефинитивно.
Вие сте јавна личност и често во медиумите се објавуваат случки или фотографии што не Ви се допаѓаат. Веројатно со тек на годините сте научиле да се соочувате со тоа. Како се соочувате?
Цетински: Некогаш пречи, некогаш не. Човек се навикнува на сѐ. Одамна сум навикнал дека немам приватен живот. Сега може да напишат што сакаат, само нека стават убава фотографија. Јас знам кој сум, мирна ми е душата и може да напишат што сакаат. Порано постојано скокав на сѐ што беше лошо напишано во таблоидите. Тие што ме знаат, знаат каков сум. Таблоидите ги читаат како стрип, малкумина веруваат во тоа што го читаат таму. Не сакам да се правдам сега, но сите што ме знаат не веруваат.
Во регионов сте ѕвезда, велите немате приватен живот, па колкав товар претставува тоа за Вас и што сѐ сте жртвувале за кариерата?
Цетински: Не ти се пее секогаш, а секогаш треба да бидеш насмеан. Се сеќавам на еден свој настап, кога почина дедо ми за кого бев многу врзан, а еден ден потоа имав договорен концерт во мојот град. И тоа никого не го интересира, како се чувствуваш, мора да бидеш насмеан. Или, исто така, ако е вложено во твојата промоција, кампања, реклама… и немаш право да се разболиш. Ајде на сцена, два часа, три часа, а потоа оди в кревет и пиј чај. Но, пак ќе речам дека не треба да се жалиме бидејќи има луѓе што имаат многу потежок живот од нас музичарите.
Соработувавте со Тоше Проески. Се дружевте ли приватно, како го паметите?
Цетински: Кога ќе загубите некој пријател, ќе сфатите дека и тоа време што сте го поминале заедно е премалку. Тоа и тој сам го кажа во еден документарен филм, дека му е жал што не се дружевме повеќе. Кога денес го слушам тоа ми звучи многу потешко отколку кога беше жив. Ние музичарите се дружиме додека сме заедно. Додуша, јас и Тоше се дружевме повеќе, на турнеи: јас гостував на неговите концерти, тој на моите, доаѓаше на гости кај мене на Истра, се запозна со моите родители. Со Тоше се дружев повеќе од тоа што го нарекуваме колегијално дружење.
Ќе настапувате ли некаде за Нова година?
Цетински: За Нова година ќе настапувам во Дубровник на Страдун, а потоа два дена сме во Црна Гора, во Будва и во едно место покрај Будва.
Целиот разговор во видеото на Република ТВ.
(Разговараше: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Бакни ми го Тоше и запејте една за сите времиња
-
Нови детали од трагедијата на Тони Цетински: Знам јас добро што се случи!
-
Тони Цетински се огласи по сообраќајката: Скршен сум. Воопшто не одам во Ровињ, ниту во Истра и не сум добро!
-
Ми беше тешко, целиот живот ми мина низ глава – Тони Цетински проговори за трагедијата