Во акцијата „Подари книга“, Министерството за труд и социјална политика донираше книги во приватниот дом за стари лица „Резиденција Дабески“ во скопско Сопиште. Овој проект е наменет за граѓаните во социјален ризик и за лица со ниски примања.
Даниела Дабеска, сопственичка на новоотворениот центар за згрижување стари лица „Резиденција Дабески“, изрази задоволство што нејзината установа е дел од акцијата.
– Среќни сме што сме сме дел од оваа бенефиција што ја нуди Министерството и секако дека овој гест ќе ни помогне во иднина, заедно со нашите корисници да ја збогатиме нашата социјална програма – истакна Дабеска.
Во отворањето на оваа приватна установа се искористени поволностите што ги нуди државата при отворање и поттикнување изградба и отворање нови приватни старски домови.
– Ние искористивме дел, односно програма којашто ја нуди Владата како субвенции, во случајов станува збор за ИПАРД. Тоа е од големо значење за кој било почетен или „стар-ап“ бизнис, а ние искористивме 25 проценти од финансирањето од страна на ИПАРД – рече Дабеска.
Таа ги повика сите кои имаат намера да инвестираат во одредена дејност и бизнис да ја искористат оваа привилегија на Владата бидејќи, како што рече, многу ќе им го олесни почетниот процес.
Приватната установа за стари лица „Резиденција Дабески“ почна со работа на 1 ноември, со вкупен капацитет од 30 корисника. Во моментов се згрижени седум корисници кои заедно со вработените се задоволни од досегашното функционирање.
Од почетокот на проектот „Подари книга“ се донирани 1.3оо книги, а предадени 350.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека основната идеја на проектот е секој оној којшто има можност да подари книга, истата да ја достави во некоја од филијалите на Македонска пошта, Центрите за социјална работа или во детските градинки. Книгите коишто ќе ги донираат граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние кои не можат да си дозволат нова книга.
Целосен список на донираните книгите кој редовно ќе се ажурира, ќе се објави на веб страната на Министерството за труд и социјална политика, а таквиот список ќе биде достапен на сите заинтересирани граѓани кои се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а коишто имаат потреба од одреден наслов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.