| четврток, 6 декември 2018 |

Делови од Куманово под вода

поплава

Обилните врнежи што ја зафатија Македонија предизвикаа излевање на реките во општина Куманово каде синоќа наврнаа 42 литри на метар квадратен.

Излеани се реките Липковска, Којнарска и Кумановка и поплавени се земјоделски површини, подрумски простории и домови.

Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопшти дека поради излевање на Липковска река поплавен е дел од паркинг со возила и пешачки патеки кои служат за пристап до станбени објекти кај локалитетот Водовод. Поплавена е и фарма каде засега не може да се интервенира бидејќи сопственикот е недостапен. Липковска река е излеана и во населбата Средорек каде се поплавени две куќи.

Излеана е и Којнарска река при што се поплавени 15 куќи на улицата „Никола Тесла“ и земјоделски површини кај селото Долно Којнаре. Жителите денеска изјавија дека им се поплавени долните катови од куќите, при што уништени им се покуќнината и подрумските просториии.

Кај селото Доброшане излеана е Кумановска река при што е поплавена една куќа, а има прекин и на локалниот пат на потегот од село Доброшане до село Шупљи камен. Во моментот со машини се работи на оспособување на овој патен правец. Кај селото Лопате – Ропаљски Дол има излевање на реката Луга и поплавени се две штали и трактор.

На терен работат екипи од кумановските јавни претпријатија, а од Дирекцијата за заштита и спасување доставени се над 1000 вреќи со песок и една машина која ќе биде употребена за санирање на оние места каде е неопходно. 

– Чекаме да се повлече водата за да можат да се отпочне со расчистување на зафатените подрумски простории на улицата „Никола Тесла – изјави раководителот на подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, Драган Димковиќ.

Секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска информира дека во моментот се врши набавка на пумпи и други материјални средства потребни за санирање на штетите.

– Се преземаат неопходни мерки за расчистуавње на моменталната ситуација – истакна Алексовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top