Обилните врнежи што ја зафатија Македонија предизвикаа излевање на реките во општина Куманово каде синоќа наврнаа 42 литри на метар квадратен.
Излеани се реките Липковска, Којнарска и Кумановка и поплавени се земјоделски површини, подрумски простории и домови.
Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопшти дека поради излевање на Липковска река поплавен е дел од паркинг со возила и пешачки патеки кои служат за пристап до станбени објекти кај локалитетот Водовод. Поплавена е и фарма каде засега не може да се интервенира бидејќи сопственикот е недостапен. Липковска река е излеана и во населбата Средорек каде се поплавени две куќи.
Излеана е и Којнарска река при што се поплавени 15 куќи на улицата „Никола Тесла“ и земјоделски површини кај селото Долно Којнаре. Жителите денеска изјавија дека им се поплавени долните катови од куќите, при што уништени им се покуќнината и подрумските просториии.
Кај селото Доброшане излеана е Кумановска река при што е поплавена една куќа, а има прекин и на локалниот пат на потегот од село Доброшане до село Шупљи камен. Во моментот со машини се работи на оспособување на овој патен правец. Кај селото Лопате – Ропаљски Дол има излевање на реката Луга и поплавени се две штали и трактор.
На терен работат екипи од кумановските јавни претпријатија, а од Дирекцијата за заштита и спасување доставени се над 1000 вреќи со песок и една машина која ќе биде употребена за санирање на оние места каде е неопходно.
– Чекаме да се повлече водата за да можат да се отпочне со расчистување на зафатените подрумски простории на улицата „Никола Тесла – изјави раководителот на подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, Драган Димковиќ.
Секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска информира дека во моментот се врши набавка на пумпи и други материјални средства потребни за санирање на штетите.
– Се преземаат неопходни мерки за расчистуавње на моменталната ситуација – истакна Алексовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.