| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот за Ник Кејв „20 000 дена на Земјата” од 20 ноември во кината во Македонија

nik kejv

Од 20 ноември во кината во Македонија ќе почне да се прикажува документарно-фиктивната биографија на Ник Кејв „20 000 дена на Земјата” во режија на Ијан Фортсајт и Џејн Полард. Режисерската двојка во своето внимателно компонирано филмско деби ја комбинира фикцијата и реалноста, приватниот и јавниот живот, и во еден фиктивен ден ја опфаќа животната приказна на познатиот музичар.

Што се случува кога часовникот ќе го отчука дваесетилјадитиот ден во животот на Ник Кејв? „20 000 дена на Земјата” е необична форма на документарец и осмислени сцени кои го прикажуваат музичарот Ник Кејв во текот на еден „обичен“ ден од животот. Тој ден, започнат со будење во раскошниот дом на брегот недалеку од Брајтон, Кејв разговара со психијатар, има проба со бендот, се среќава со некои важни личности во неговиот живот, оди во архивата во која се чуваат слики и предмети од неговиот живот и завршува со голем концерт.

nik kejv1
Музичката икона, која истовремено е писател и наратор во „20 000 дена на Земјата”, го открива својот поглед на светот, животот и начинот на кој ги создава мрачните и духовити текстови. Кејв во филмот го истражува она што не’ чини самите нас и ја слави моќта на креативниот дух.

Во филмот се појавуваат Кајли Миног, како и англискиот актер Реј Винстон, кој играше во вестернот „Понуда“ за кој Кејв го напиша сценариото, а го режираше Џон Хилкоут. Покрај Кајли и Винстон, се појавува и Бликса Баргелд, поранешниот член на Бед Сидс кој објаснува зошто го напуштил бендот пред неколку години.
Филмот го добил насловот по белешката на работ на книгата со песни на Кејв каде што собирал од колку денови се состоел неговиот досегашен живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top