Познатата модна стилистка и блогерка Ребека Рој од Лондон направи стајлинг од креациите на 25 македонски модни дизајнери и дизајнери на модни додадоци, наменет за специјален каталог кој ќе ги промовира дизајнерите во странство.
Рој која во Скопје гостуваше на неодамна завршеното десетто издание на Моден викенд Скопје каде одржа работилница за млади фотографи и блогери, направи селекција од креациите на Лидија Георгиева, Мила Кадриу, Стефанија Насеска, „Вибрации“ (VIBRAZIONI) Александра Митковска, „Шик Андеркавер“ (Chic Undercowear) на Бобан Илиевски, Олгица Ѓоргиева, Никола Ефтимов, Андриана Динева, Оливера Штакоска, Јована Филиповиќ, Ненад Секирарски, Росица Мршиќ, „Ле Бранд“ (Le Brand), Ирина Тошева, Никола Петровски и „Squire“ на Јован Петровски. Креациите се потполнети со модни додатоци.
Идејата на Ребека чие гостување го овозможи Британски совет во Македонија, беше да ја претстави македонската мода и македонската жена низ нејзината призма и импресии од нејзиниот престој во Македонија.
– Сакав да ја доловам таа тензија и топлина која се чуствува во воздухот и силата и моќта на македонската жена. Со тимовите за шминка и фризура се решивме за еден лежерно- бунтовен стајлинг. Едноставно и опуштено, но со цврст став. Се надевам дека успеавме да создадеме едиторијал кој е компетентен на глобално ниво – вели Рој.
Парчињата кои се презентирани се комбинација од парчиња од новите колекции на дизајнерите презентирани на последниот Моден Викенд Скопје и некои парчиња од постари колекции кои се уште актуелни.
Едиторијалот ќе биде спакуван во печатен каталог, а неговата прва дестинација е „Pop-up store SKP“ во Берн, Швајцарија. Привремената продавница каде ќе се презентираат неколкумина македонски дизајнери на почетокот од декември е организирана од Тања Стоименовска, која живее и работи во Берн.
Фотографиите се на Жарко Чулиќ, а креациите ги носат моделите од модната агенција „Подиум“- Емилија Златковска, Марија Цветковска и Вања Трампевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.