Светската здравствена организација во 2013 година аерозагадувањето со честички го прогласи за канцерогено. Колкав период од годината има загадување во Македонија?
ЃОРЃЕВ: Долго времеаерозагадувањето се врзуваше за болести, помалку за малигни болести, освен ако нема некој токсичен елемент во аерозагадувањето. Сега, ова општо аерозагадување од честички, кое го имаме и ние, веќе е прогласено за канцерогено, посебно поради полнежот на честичките што имаат канцероген потенцијал. Тоа би требало да биде уште еден знак повеќе за нас да ги следиме состојбите и евентуално да ги превенираме. Во последните години бројот на денови во кои се надминува просечната дозволена концентрација е многу поголем од нормата. Според нормата, дозволени се 35 дена годишно. Ние имаме мерни места во Скопје, Тетово, каде што речиси цела година, или 200 дена во годината, концентрациите се над дозволените нивоа. Тоа е голем аларм и сериозно предупредување за преземање итни мерки.
Кои се таканаречените „жешки точки“ на загадување во Македонија?
ЃОРЃЕВ: Фокусот е во Скопје бидејќи тука има голема концентрација на население што работи. Географски, положбата на Скопје е незгодна. Ако ја погледнете мрежата на мерните станици и ги видите наодите, ќе видите дека Тетово повеќе од две години претставува високозагаден град, потоа Кавадарци, кој оваа година покажува високи концентрации и тоа се врзува со индустриските комплекси, Битола, кој има сериозен загадувач, па и вообичаените градски загадувачи. Сите овие градови имаат комбинација на општо аерозагадување што доаѓа од сообраќајот, градежните активности, греењето, како и од индустријата, што јасно се разликува од град во град, во зависност од тоа за која индустрија станува збор.
Последиците од аерозагадувањето се чувствуваат подоцна. Како се манифестираат?
ЃОРЃЕВ: Последиците се акутни и хронични. Ако доаѓаат од големо загадување може да бидат акутни, но повеќе се работи за хронични болести. Човечкиот организам не реагира веднаш на аерозагадувањето, освен ако нема инцидентна ситуација. Први страдаат белите дробови, односно горниот и долниот респираторен систем. Ако се тоа мали честички, тие доаѓаат до најмалите дишни патишта и доаѓа до воспалување, до намален витален капацитет на белите дробови. Истражувањата покажаа дека не реагираат само белите дробови на аерозагадувањето. Во последно време и кардиоваскуларните болести, дури и артериосклерозата ја врзуваат со аерозагадувањето, т.е. овие честички може да предизвикаат стеснувањето на крвните садови. И кога ќе земете такви два клучни система, респираторниот и кардиоваскуалрниот, тогаш речиси целиот организам страда. Можни се мозочни удари, срцеви инфаркти. Реагираат постарите лица, така што има цела палета реакции. Опструктивните бронхити и астмата се влошуваат и кај младите и кај старите.
Како убива воздухот? Дали организмот се преоптоварува од постојано прекумерно загадување?
ЃОРЃЕВ: Како и секој еколошки хазард, воздухот ги засега чувствителните групи. Децата сѐ уште имаат неразвиен одбранбен систем и тие реагираат подраматично. Од друга страна се старите лица, каде што се повлекува имунолошкиот систем, односно ослабува. Овие се двете најризични групи. Кај првите има чести опструктивни бронхити, а кај вторите има и почести смртни случаи. Убивањето, на некој начин, е индиректно. За Скопје и за градови што живеат под постојано аерозагадување е типично тоа што луѓето во континуитет, 20-30 години се оптоварени од аерозагадување и секако дека немаат иста отпорност како луѓето што не живеат под таков товар. Тој товар во еден момент ќе ја прелее чашата и ние тоа го викаме феномен на санта мраз. Ние го гледаме само врвот на сантата – болестите и смртните случаи. Под тој врв уште многу луѓе страдаат, дишните капацитети им се намалени, сѐ уште тоа не е болест, но веќе при наредните години полека ќе почне да се појавуваат болести и смртни случаи.
Ќе помогне ли возењето пар-непар во намалување на загадувањето?
ЃОРЃЕВ: Сите градови што страдаат од аерозагадување донесуваат сет-мерки со кои евентуално може да се намали аерозагадувањето. Во Скопје сообраќајот прилично влијае затоа што фактички сите возила ги повикавме во градот, ги проширивме улиците. Сите возила влегоа во градот, не само од Скопје, туку и од другите делови на државата. Во работни денови 60-70 проценти од возилата во државата се во Скопје. Тоа е голема концентрација, голем извор на загадување бидејќи постои големо шаренило во однос на стандардите на тие возила. Европските градови се поделени во зони и мислам дека така треба да се направи и во Скопје. Во Лондон, на пример, не се дозволува влез во центарот. Ако сакате да влезете, ќе платите. Возилата што се категоризираат со Еуро стандард 0, 1 или 2 не може да влезат во градот. Кај нас, од социјален аспект, би било тешко да се донесат такви мерки. Не мислам дека тоа драстично ќе ја намали ситуацијата со аерозагадувањето. Потребни се многу поенергични мерки во однос на сообраќајот. Можеби поделба во зони, да влегуваат, условно кажано, почистите возила, а тие што немаат такви стандарди, можеби, да се субвенционираат.
Според Вас, целиот период на грејна сезона е аларментен. Што друго може да се направи?
ЃОРЃЕВ: На интрасекторските комитети се дискутира за краткорочни и за долгорочни мерки. Палетата е широка. Почнува со граѓанинот, можеби и завршува со него. Се зборува за можноста за користење јавен превоз, или барем повеќе луѓе да се возат со едно возило. Ложиштата дома да бидат енергетски ефикасни, иако, можеби, се скапи и ќе треба помош од државата. Се дискутира дека и дрвата за огрев што се продаваат во влажна форма даваат поголема количина загадување. Многу е важен и урбанистичкиот дел. Урбаните планери мора да знаат дека при правењето на урбанистичките решенија мора да се вклучи и еколошкиот момент. Мора да има зони на зеленило, кое ќе го апсорбираат или барем ќе го намалат аерозагадувањето. Има посебни хортикултурни форми со широки лисни површини, кои може да апсорбираат аерозагадување. Многу се важни урбанистичките мерки, контролата на градежните активности што емитираат големи количини прав и, секако, гасификацијата, како некое идно решение, кое сите го чекаме од еколошки аспект. Се зборува и за индустриските капацитети со кои се води борба за да ги набават тие филтри што се неопходни. Додека не се преземат синхронизирано сите мерки, не очекувам големо намалување, посебно што Скопје, па и другите градови се во котлина, каде што дури и да нема аерозагадување, често се создаваат услови за аерозагадување.
Целиот разговор во видеото на Република ТВ.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.