| четврток, 6 декември 2018 |

Пуштено во употреба ново повеќенаменско игралиште во Бутел

бутел

Со реализацијата на капиталните проекти во делот на спортот, Владата прави концепт за градење здрава младина и овозможува превентива за борба против пороците на современото живеење.

Ова денеска го изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот Петре Латиновски, пуштија во употреба повеќенаменско игралиште во општина Бутел.

– Од име Владата на Република Македонија, би сакал да искажам големо задоволство, што реализираме уште еден проект, уште едно  ветување за општина Бутел и нејзините граѓани. Како одговорна власт, се обидуваме да излеземе во пресрет на сите ваши потреби во соработката со локалната самоуправа. Како доказ за тоа, се бројните проекти кои ги предвидовме за вашата општина во различни сфери – истакна Спасов.

Ова игралиште е 26-то од проектот „100 повеќенаменски игралишта”. Игралиштето, рече министерот Спасов, ќе служи за мал фудбал, ракомет, и кошарка со исполнување на меѓународните стандарди за кошаркарскиот спорт, но и за одмор на посетителите.

– Верувам дека децата и младите ќе минуваат голем дел од своето време на игралиштето, настрана од сите опасности кои ги демнат. Спортот го крепи здравјето и создава млади и здрави генерации. Затоа продолжуваме со отворање на уште 23 игралишта ширум земјата, а останатите ќе бидат завршени до 2018 година – рече Спасов и додаде дека граѓаните со споротувањето и дружењето ќе ги делат етичките вредности, ферплејот, тимската работа и почитувањето на другите.

Министерот потсети дека Проектот „100 повеќе наменски игралишта“ е дел од низа на значајни проекти во спортот. Такви проекти, рече Спасов,  беа изградбата на 180 спортски сали, 50 фудбалски игралишта како и изградбата на 120 тениски терени низ цела Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top