Македонската фудбалска репрезентација го претрпе третиот пораз во квалификациите за ЕП 2016. Македонскиот селектор Бошко Ѓуровски очекувано разочаран по денешниот пораз од Словачка на „Филип Втори“ нагласи дека е можеби дојден моментот, сега до крајот на овој квалификациски циклус да се оди на природно подмладување на репрезентација.
– Сега имаме време до март и мислам дека треба да размислиме, да се направи една добра анализа, за едно природно подмладување на репрезентацијата. Се гледа дека има одличен потенцијал во овие млади играчи и треба во иднина да се насочат на вистински начин. Одигравме одлично во второто полувреме но ете за жал не успеавме да реализираме. Ќе речете дека и Словаците имаа предност од 2-0, па така играа, но сепак создадовме серија шанси кои ете повторно не знаеме да ги искористиме – истакна по мечот Ѓуровски, кој вели дека овој пат одбраната потфрли при двата погодоци на гостите.
– Ние знаевме дека Словачка игра така, без многу шанси. Ете, ние им подаривме голови и потоа не можевме да се вратиме во игра. За жал тие искусните потфрлива во тие моменти, а потоа веќе почнавме да играме онака како што посакувам. Во секој случај, останува пред нас сериозна анализа на се, па пред пролетта да излеземе со конкретна визија околу идниот изглед на репрезентацијата – вели Ѓуровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.