Дали приватизацијата беше праведна или не?
Трпески: Нема праведна приватизација во светот. Има два модела – ваучер и оваа, случај по случај, каква што се примени кај нас. И едната и другата имаат и слаби и силни страни, но ниту една не е праведна. Многумина забораваат дека приватизацијата кај нас почна уште пред распадот на СФРЈ, со законот на Анте Марковиќ. Практично, без пари, со книговодствена гимнастика, претпријатијата стануваа сопственост на вработените и на раководствата. Кај нас околу 40 проценти од општествената сопственост премина во нивни раце. По распадот на СФРЈ дел од републиките го запреа и го поништија тоа. Кај нас се сметаше дека тоа е неуставно и се сметаше како сигурност да се прифати сето тоа.
Законот за приватизација беше подготвен од експертската влада. Јас бев професор на Економскиот факултет, кога дојде Ченто Вељановски, еминентен стручњак од македонско потекло од Австралија. Го плаќаше Европската Банка за Обнова и Развој за да создаде модел за приватизација. Создаде студија, која беше преточена во закон. Јане Миљоски беше и во експертската влада и во владата на Бранко Црвенковски, кој беше задолжен за приватизацијата, а потоа беше министер за финансии.
Како професор, на моделите на Вељановски не можам да им најдам забелешки, но клучна е примената. Тука од сите модели најмногу се искористија тие што се викаат „откуп од работниците“ и „откуп од менаџерството“, каде што влезе и ова од Марковиќ. Но се случија ембаргото и санкциите кон СРЈ. Во тоа „менгеме“ ужасно ни беа потребни аранжмани со Меѓународниот Монетарен Фонд и со Светска банка. Без аранжмани со нив никој не сакаше да разговара со нас, ниту за еден танкер нафта. Од друга страна, ММФ и СБ притискаа за што побрза приватизација. Во тие околности се спроведуваше приватизацијата. Агенцијата за приватизација добиваше задача од СБ на квартална основа за определен број претпријатија да се приватизираат. Инаку ќе ги сопреа кредитите. И тие „трчаа“ по претпријатија да ја туркаат приватизацијата, да ја трансформираа општествената сопственост, а кога нешто се прави набрзина, се прават грешки.
Постоеше закон со кој работниците можеа да ги продадат акциите само на директорот.
Трпески: Апсолутно, тука имало злоупотреби. Не знам дали владата можела да го спречи тоа, но клучно беше да се исполни критериумот кон ММФ за да се приватизираат определениот број претпријатија. Тоа беше главната цел и, веројатно, тие што требало да контролираат, прогледувале низ прсти ако имало такви случаи. А имало, знаеме дека имало.
Македонија е во врвот на држави што се извознички на нафта. Поточно, се работи за шверцот. Се гледаше ли на тоа како на еден вид „легална“ злоупотреба за добро на државата?
Трпески: Мора да се има предвид времето и сите ембарга во тоа време. Србија беше најголемиот трговски партнер. Се работеше за преживување. Во владата имаше комитет задолжен за гаснење пожари во тие ситуации и свесно се одеше во кршење на ембаргото и во трговија со северниот сосед. Дури и со знаење на меѓународниот фактор. Тие знаеја дека немаше да преживееме без тие пари.
Но, тука зборуваме за шверц на нафта и на оружје.
Трпески: Тоа не се правеше без знаења на одделни министри, министерства. А има случаи, сега големи бизнисмени парите ги направија во тој период. Во такви случаи треба со закон да се одземе тој имот или високо да се оданочи. А за такво нешто нема подготвеност. Во весниците пишуваше дека Македонија е најголем извозник на малинки, или на бакар, на пример. За шверцот на нафта, не знам.
Почнаа игрите, на пример директорот да го заложи имотот на претпријатието за да земе личен кредит за да го откупи претпријатието.
Трпески: Таков модел постоеше, не правеа нешто незаконски. Но, според мене, за жал, во најголем број приватизацијата се направи со моделот на откуп на менаџерите и тоа од постојните менаџери. Со тоа продолжи самоуправувањето, истата гарнитура остана како сопственик на тие претпријатија. И некои од нив, сега успешни луѓе, ми се налутија. Но исклучоците го потврдуваат правилото, кога само мал дел од нив успеаја, а другите пропаднаа.
Колку, пак, таквиот закон овозможуваше намерно девастирање на претпријатијата, а жртви, секако, се вработените, кои остануваат на улица без плата. Бевте ли свесни во владата?
Трпески: Во тоа време, барем во мојот дел што го работев, не беше моја обврска и не се занимавав со тоа…
Чија беше обврската?
Трпески: На министерот за приватизација и на министерот за економија. Има и една друга работа, а тоа е непријателскиот однос кон можните странски инвеститори. Менаџментот се затвори. Сега гледате напори да се привлечат инвеститори. Тогаш и да дојдеше некој, наидуваше на непријателски однос. Имаше само влез во некои атрактивни претпријатија, цементарницата, на пример, за која ако бевме паметни, немаше да ја продадеме.
За директните инвестиции постои статистика по годините, но интересно е дека во тоа време на големо се зборуваше за влез на автомобилска индустрија, проектот „Ауди“.
Трпески: Јас не бев директно инволвиран во тие преговори, тогаш Таки Фити, министер за финансии, како и Јане Миљоски, беа ангажирани од владата. Колку што помнам од дискусиите, „Ауди“ тогаш постави невозможни услови, кои ниедна влада во светот не би ги прифатила.
Условуваа да се купува само од „Ауди“ и од ниедна друга компанија, што автоматски нè доведува во судир со Светската трговска организација, а уште не бевме ниту членка. Тоа е само еден пример. Да се воведат огромни царини, а не гарантираа за производство на одреден тип „ауди“ во Македонија, дека ќе се произведува тука.
Го зборувам тоа што се соопштуваше на седници на владата. А, според тоа, не требаше да се прифати, тоа е колонијален статус од голема компанија над една држава. А ништо не ветуваа. Требаше да се направи фабрика за да монтираат делови. Тоа беше кажано на седница на владата и со тоа никој не можеше да се согласи.
Кога сме кај странските инвестиции, ќе го кажам и следново. Се сретнав со претставници на една голема и позната компанија од Израел, кои сакаа да го земат под концесија скопскиот аеродром. Ветуваа дека Скопје ќе го направат центар за сите летови од Израел до сите европски градови. Но, климата тогаш беше во стилот „како едно добро што го има Македонија сега да го дава под концесија?“ Значи, мора да се има предвид времето, требаше да созрее во општата свест не само кај владата и кај политичарите, туку и кај народот, дека тоа може да биде и корисно, како што се покажува сега… а тоа можеше да се направи пред 15 години.
Интересни и специфични се јавните набавки. Од коњи и очила, уметнички слики, возила и компјутерски софтвери, до прескапи медицински материјали и други набавки.
Трпески: Од позициите што сум ги имал во владата, министер без ресор, потоа потпретседател на влада, ниту сум правел, ниту сум можел да правам набавки. Документите за набавки не одат од министерствата до влада. Знам дека имаше повеќе шеги, особено на паузите на владините седници се шегувавме со министерот за внатрешни работи за набавката на коњите. Но, за некои злоупотреби не станувало збор.
Специфична е набавката на телефонската централа „тешка“ околу 400.000 германски марки, а никој не ја видел.
Трпески: За телефонска централа? Не знам за тоа…
Не се дискутирало на седница на владата?
Трпески: Не се сеќавам, тоа некое министерство ја набавило?
Штедењето во Македонија се поврзува со аферата „Пирамидални штедилници“. Колку ТАТ беше тема во владата, колку ТАТ беше нешто за што се знаеше и се „играше“ со него?
Трпески: Пирамидалното штедење го имаше во сите земји во транзиција. И тоа е најголемата грешка на Светската Банка, бидејќи тие го форсираа тоа и инсистираа – да се формираат банки со мал цензус, па во формирањето на овие банки во земјите во транзиции влезе голем шпекулативен капитал од западот. Пирамидално штедење има и денеска на западот, не е исклучок.
Субјективните околности што доведоа да се појави еден таков „диносаурус“ кај штедилниците е доцното формирање на супервизијата во НБРМ – која има знаење да открие на време што се случува. Сега ќе ви откријам. Тогашниот директор на Стопанска банка – Битола на двапати доаѓаше кај мене и велеше дека е невозможно тоа што се случува во Битола, една штедилница преку ноќ да порасне поголема од банката. Тука има нешто гнило. Јас отидов кај тогашниот гувернер и му го пренесов разговорот. Но тој ми ги извади документите и ми рече дека нема поздрава штедилница. Сите кредити беа покриени со девизни депозити. Значи, НБРМ во тоа време не можеше да открие дека се води двојно книговодство. Една за НБРМ, каде што се прикажува многу убава слика за здрава штедилница, и друго, фактичко книговодство. И потоа почна да се размотува клопчето.
Откако изби аферата, за тоа имаше големи дискусии во владата. Премиерот (Бранко Црвенковски) побара ако некој има штеден влог во ТАТ веднаш да си поднесе оставка. Гувернерот му го донел списокот на тие од владата што имале штедни влогови. И таму стоеше „Љубе Трпески – 700 германски марки“. Си помислив, можно ли е сопругата да ставила во мое име? Ми се скрати животот што ќе речат, човекот задолжен за банкарството во владата штеди во ТАТ? Но, потоа се покажа дека станува збор за еден инженер од скопско Тавталиџе со исто име…
Но, се посочуваа многу функционери и министери што штеделе во ТАТ и кои навреме ги извлекле парите од таму. Се дискутираше ли потоа?
Трпески: Потоа јас отидов во НБРМ, но ги имав списоците на сите штедачи во ТАТ. Не сретнав министерско име. Сретнав само еден добар дел високи достоинственици на црквата со големи суми пари.
Ниеден од власта?
Трпески: Јас не сретнав, немаше на списоците.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто со Љубе Трпески е објавено во 114. број на неделникот Република, 7.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст