| четврток, 6 декември 2018 |

Нами: Залудно преговарате со Грција во ОН, нас нè „влечат“ веќе 50 години

nami

Преговараме веќе 50 години во Обединетите нации, но Грците со помош на ЕУ нè изигруваат, а ќе ја изиграат и Македонија, вели, меѓу другото, во интервју за МИА Ездил Нами, министер за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар. 

И покрај тоа што со поранешниот генерален секретар на ООН Кофи Анан кипарските Турци се согласија на договор со своите грчки сограѓани за обединување на Кипар, Грците пред десет години го изиграа договорот и според поранешниот комесар за проширување, Ферхојген, со лага и измама го внесоа јужниот дел на Кипар во Европската унија.
Нами ги коментира состојбите и проблемите и на Македонија и на Турската Република Северен Кипар со Грција.
Во случајот со Македонија, земјата има јасна одлука на Меѓународниот суд на правдата, дека Грција не може да го блокира членството на државата во НАТО и во било-која друга меѓународна организација, бидејќи на такво нешто се обврзала со Времената спогодба од 1995 година во рамки на Обединетите нации. Но, затоа, пак, Грција постојано ја повикува турско-кипарската заедница да се жали на овој суд за кипарското прашање! Зошто би им верувале во вашито случај, кога во македонскиот и покрај пресудата на највисокиот судски орган на планетата – тие истата не ја почитуваат?
– Тоа е дволична политика која јасно се гледа. Тие постојано се обидуваат да го искористат против нас статусот со непризнавањето. Во 2004 година, кога пропадна планот на Анан, тој како генерален секретар на Обединетите нации напиша извештај во кој кажа дека повеќе нема оправдувања да се држи турско-кипарската заедница изолирана од остатокот од светот. И, тој исто така во извештајот ги повикува сите членки на Советот за безбедност на ООН да воспостават мултилатерални и билатерални односи со турско-кипарската заедница. И знаете ли што се случи со тој извештај?
Тоа е единствен извештај подготвен од генералниот секретар на Обединетите нации кој не беше ниту дискутиран на Советот за безбедност. Извештајот никогаш не беше ставен на агендата на СБ на ООН, ниту се гласаше за него, туку едноставно, извештајот беше уништен! Тоа е нефер однос што го добиваме и знам дека и Македонија страда од таква дволична политика.
Што очекувате во случајот со Турската Република Северен Кипар, но и со Република Македонија, во однос на тоа како да ги решат своите прашања со Грците, кога тие не се придржуваат до меѓународните договори што ги прифатиле претходно. Таков беше случајот со Времената спогодба со Македонија. Значи, дури и да направиш договор со нив, потоа не го почитуваат.
– Се разбира, нашата желба е да го завршиме конфликтот со грчко-кипарската заедница и да воспоставиме соработка. Но, колку повеќе овие работи се влечат, толку повеќе сте обврзани да барате алтернативни решенија низ светот. Затоа, на пример, ние се обидуваме да создадеме се повеќе и подобри односи со Турција и останатите земји од регионот и со остатокот од Европа. Можеби не преку Европската унија, но на билатерално ниво. Јасно е дека ЕУ, бидејќи постојано ја зазема страната на Грција и на грчките Кипрани, станува се повеќе маргинализирана во регионот и нејзината сила се намалува. Погледнете што се случува меѓу Турција и Европската унија. Односите застанаа и ЕУ не се потпира повеќе на Турција. Има голема потреба од политики на соработка, а Европа тука губи многу поради својот став и голем потенцијал се троши. Тесниот ум на некои од политичките елити овде во Европа е причината за ваквата ситуација.
Вие преговаравте со Грците во рамки на Обединетите нации, но и покрај постигнатиот договор, тие истиот го изиграа. Ние, еве веќе 20 години преговараме за наметнатиот спор за нашето уставно име, но нема решение. Дали воопшто може да се постигне договор со Грците во рамки на ООН што тие потоа би го почитувале?
– Поставивте тешко прашање. Причината е што ние само што комплетиравме 50 години од преговори со нив во рамки на Обединетите нации. Тоа е половина век и велиме доста е! Ве советувам да не се надевате многу и жал ми е што ова го кажувам. Но, во кипарскиот случај, генералниот секретар на ООН рече дека ова е игра без крај и дека преговорите не може вечно да траат. Се надеваме дека ќе има уште еден последен обид во рамки на Обединетите нации и потоа да заврши целиот овој процес.
Ако грчко-кипарското раководство одбива сериозно да преговара со нас, тогаш ова ќе води до колапс на преговорите, па дури и до колапс на иницијативата на ООН за решавање на кипарското прашање, поради што ќе мораме да бараме алтернативни иницијативи. Ако ме прашувате што тоа би можело да биде, днееска немам одговор. Но, факт е дека сме дојдени до крајот на патувањето за нас во рамки на ООН.
Доаѓаме до Косово. Нивниот парламент изгласа Декларација за независност од Србија што беше прифатена и во моментов иако не се членка на Обединетите нации или на Европската унија, сепак се широко признати од голем број на големи светски држави, како на пример САД и Велика Британија, па дури и почнаа процес на приближување кон ЕУ иако не се признати од пет членки. Зошто остатокот од светот ја прифаќа оваа Декларација за независност на Косово, но не и на Турската Република Северен Кипар и што е разликата меѓу двете?
Во случајот со Косово, таа држава произлезе од колапсот на Југославија и мислам дека тоа беше битка меѓу САД и Русија на европско тло и беше резултат на балансот на реал-политиката. Но, во случајот со Кипар, историскиот развој беше поинаков, а и никогаш Обединетите нации не донесоа Резолуција за непризнавање на Косово, што го направија во случајот со ТРНК. Тоа се два различни случаи.
Која е вашата порака до македонскиот народ, со оглед на тоа што се чувствува заморот од проширувањето на ЕУ, што пак предизвика замор во македонското општество од постојано чекање. Тоа е случај и со влезот на Македонија во НАТО. Плус, на вас, ООН ви вели да го решите случајот преку ЕУ со нивната змеја-членка, а на Македонија, Унијата и вели да се договори со нивната членка преку Обединетите нации. Се разбира, вашата држава е во далеку полоша ситуација, па како шеф на дипломатијата на земја што е еден од најголемите страдалници на светската сцена, што сметате дека Македонците би требало да направат за да не падне духот и желбите за членство во најголемите воено-политички организации на светот?
– До македонскиот народ и одбраните политички власти во вашата земја е да одлуча во кој правец е најдобро да се движи земјата. Од нашето искуство, јас не би се потпирал многу на Обединетите нации и нивните преговарачи. Сепак, факт е дека ЕУ и меѓународната заедница се однесуваат неправедно кон Македонија, а Грците, пак, имаат извонредни тактики на преговарање со подместување, одложување, запирање, уценување и ред други работи.
Едноставно, треба да размислите дали треба да чекате и да бидете уценувани за прием во ЕУ и НАТО. Македонија е една горда земја, со длабока и долга историја со која секој во светот би се гордеел и треба да си го чувате тој углед. Плус, вие сте членка на Обединетите нации, признати од целиот свет, а дури и со уставното име Република Македонија сте признати од две третини од земјите на планета. Не верувам дека нешто ќе се договорите со Грците во рамки на Обединетите нации и можеби е подобро да се концентрирате на билатералните односи со земјите во светот, зацврстување и продлабочување на истите, да ги следите светските текови и да обезбедите добри услови за економски инвестиции, што знам дека го имате со владината политика на вашата земја.
Имате многу пријатели во светот, светот е голем и нуди многу можности за соработка. Меѓу најголемите пријатели ви е Турција, па искористете го тоа за да ги направите условите за живот на македонскиот народ подобри, да создадете силна економија и да не зависите од оние кои ве уценуваат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top