| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ: Економијата закрепнува со солидно темпо

nbm

Економијата и натаму закрепнува со солидно темпо и во вториот кваратал од годинава оствари раст од 4,3 проценти – констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната седница на која беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, најновите макроекономски проекции и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Како што соопшти НБРМ, економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, наведуваат во соопштението.

Најновите високофреквентни показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на поволните трендови, со различни движења кај клучните сектори. – Индустријата и трговијата во септември и август, соодветно, забрзано растат на годишна основа, наспроти вредноста на извршените градежни работи, која бележи пад и влијае за забавување на растот. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата – сметаат од Комитетот.

Најновите податоци за инфлацијата во октомври 2014 година покажуваат мал месечен раст на општото ниво на цени од 0,2 отсто, а  на годишна и на збирна основа инфлацијата бележи негативна стапка од 0,4 и 0,3 проценти, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и на цените на нафтата.

По високото акумулирање на девизните резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во октомври девизните резерви забележаа мал месечен пад. Од Комитетот сметаат дека ваквата промена на девизните резерви се очекуваше, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Првичните податоци за октомври укажуваат на натамошни поволни трендови кај кредитната активност, чијшто годишен раст забрза и достигна 9,7 проценти. Во октомври, раст остварија и депозитите, иако поумерен, и на годишна основа се зголемија за 8,5 отсто. Движењата кај монетарните и кредитните агрегати се подобрени во однос на очекувањата во априлската проекција.  – Поместувањата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, со оглед на неизвесните економски случувања, и натаму постојат надолни ризици поврзани со кредитирањето на приватниот сектор во следниот период, посочуваат во соопштението.

Ликвидноста на банките е зголемена под влијание на автономните фактори, што, како што констатира Комитетот,  услови натамошен висок интерес на банките за пласирање средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарите на пари е забележана зголемена трговска активност, при што пазарните учесници, освен со необезбедени депозити, тргуваа и со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува, показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Комитетот посочува дека нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар навестуваат поволни движења на кредитниот пазар.

При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и на растот на светските цени на енергијата и храната. Послабите остварувања во евро-зоната во однос на очекуваните ги нагласуваат ризиците околу динамиката на глобалното закрепнување. Како фактор на ризик остануваат и ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и геополитичките тензии во Ирак. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување.

НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top