Доктори од клиниките во Скопје ќе работат и во другите градови од државата, ако болница во Штип на пример има потреба од гинеколог или ортопед. Оваа обврска е дел од последните најавени измени на Законот за здравствена заштита.
Целта, како што стои во предлогот е заради континуирано и сеопфатно спроведување на здравствената дејност во мрежата на примарно, секундарно или терцијарно ниво со цел обезбедување на здравствена заштита за населението.
За таа цел, Министерството за здравство со патен налог упатува здравствен работник вработен во јавна здравствена установа во мрежата, не подолго од пет работни дена во текот на еден месец, на работа во друга јавна здравствена установа во мрежата, во која има потреба од таа специјалност. Установата каде ќе биде пратен, е должна за периодот додека работи да му исплати патни и дневни трошоци согласно законот и колективниот договор.
Исто така, директорот на здравствената установа во која е вработен лекарот, е должен во рок од пет дена од денот кога пропуштил да се јави на работа односно не ги извршувал работните обврски во друга здравствена установа, да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.