Енергија, емоција, ангелски глас – ова се најчестите коментари за Лидија Кочовска, македонската пејачка со долга кариера. Помладите, можеби, не ја знаат, но повозрасните уживаат да ја слушаат. Се повлече од јавноста одреден период, за сега, на задоволство на многубројните обожаватели, повторно да застане на сцената. Со неа разговаравме непосредно по пробата за овогодишниот „Скопски фестивал“, кој ќе се одржи во „Метрополис арена“, а победникот на фестивалот ќе нѐ претставува на „Евровизија“ следната година. Лидија ќе настапи во дует со Марјан Стојановски. Нивната проба заврши со огромен аплауз од сите присутни – филхармонија, продуценти, пејачи, вработени во МТВ, каде што се одржуваше пробата…
Минатата година изјави дека треба нешто енормно да се смени за да се вратиш на сцената. Што се смени за да те натера повторно да бидеш дел од македонската естрада?
Лидија: Се смени практично, но и не се смени. Дел од екипата остана иста, меѓутоа дел од екипата што се смени е главната причина поради која се враќам на „Скопски фестивал“. Но, официјално, ова е крај на мојата фестивалска кариера во Македонија, со ова ќе го крунисам моето фестивалско искуство. Надвор, ако се појават селектирани фестивали, ќе бидам дел. Јас, во суштина, сум фестивалски воспитана, но, сепак, алудирам на оние настапи, целовечерни концерти итн. Конкретно, фестивалската кариера во Македонија би ја крунисала со настапот на 12 ноември.
Кога веќе сме кај фестивалските настапи, кој беше првиот фестивалски настап?
Лидија: На четиригодишна возраст, на детски фестивал, тоа практично беше мојот старт, а потоа се редеа фестивал по фестивал, за да почнат оние сериозни настапи од 12-13 години кога, сепак, бев дете. Со тоа што и евровизиското искуство ми е многу големо, тука се работи за настапи не само на фестивали кои се за „Евровизија“ и избор како што е Скопскиот, туку „Евровизија“ во бивша Југославија, па сум го застапувала ТВ Скопје. Јас сум голем југоносталгичар, навистина ми недостига тоа време затоа што постоеше дружба, сите си делевме прва награда затоа што дружбата, љубовта, хемијата беа меѓу нас. Оваа година настапив на „Макфест“ затоа што како матични фестивали ми се „Макфест“ и „Скопски“, ги сакам, ги почитувам. Mеѓутоа би сакала да се сведaт на еден и јас тоа го давам како идеја, но не знам дали некој ќе ја уважи таа идеја, да се селектира сѐ на еден фестивал и сите средства, сите сили и позитивни вибрации да се вложат во еден фестивал. Италија нема сто фестивали, има еден, „Сан Ремо“, што значи се концентрира на тој фестивал. Истото го предлагам и за тука. Во ред, нека опстанат и двата фестивала, но, сепак, мислам дека треба да се спојат во еден.
Спомена дека се дистанцираш од фестивалите, дали може да очекуваме албум или голем концерт?
Лидија: Се радувам што за четири години континуирано живеење во Хрватска и уште четири со враќање и со одење јас направив целовечерен концерт, а многу ми е криво што за време на живеачката во Македонија немам направено целовечерен концерт. Многу ми е тешко што го немам направено тоа. Зошто да направам албум? Во ред е да се соберат како компилација сите песни, да се селектираат, но да се направи сега албум… Зошто?! За да се продава со прашок за перење алишта?! Тоа е понижувачки. Кој ќе купи албум од 1.000 денари, сите преземаат песни од интернет. Евентуално, би направила некаква компилација, селектирана од сите мои најдобри композиции досега.
На „Скопскиот фестивал“ се решивте да настапите во дует со Марјан Стојановски, од каде идејата за тоа?
Лидија: Со Марјан работиме заедно во МОБ, двајцата сме дел од хорот, цел живот се сакаме и се почитуваме, но никогаш не сме имале заедничка соработка, ова е првпат. Меѓутоа, ние немаме пробано ништо, ја немаме пробано композицијата, дојдовме во студио, ја отпеавме демо-верзијата и после имаше пауза од четири месеци. А, сега пред самото снимање ја отпеавме двапати.
На чија иницијатива решивте да направите дует?
Лидија: Главната иницијатива е на Трајче Ставревски. Маја Павловска е автор на текстот. Тимот се менува во смисла на аранжер. Првпат соработувам со Љупчо Трајковски – Фис, прва соработка со Марјан. Одлични вибрации има меѓу нас. Како вокали, кога партнерот нема да ти биде со иста енергија, е многу тешко, но со Марјан делиме исти емоции, што е многу битно.
Младата публика можеби не ве знае, но постарата ве знае по енергичните настапи, секогаш со многу емоции. Дали со секоја песна се соживувате и од каде ја црпите таа емотивност на настапите?
Лидија: Од секоја пора од моето тело извира емоција. Јас некогаш кажувам дека немам прилика во Македонија да пејам и да ја извадам оваа енергија и навистина ми е многу тешко. Некогаш морам да ја вадам преку спорт или некаква физичка активност, за да се потроши. Многу ми е тешко што не пејам во Македонија редовно, ова е пеење, одржуваме некаков континуитет, но тоа е само со распевање. Хорската работа ни е колективна и одржуваме некаква кондиција во распевање, но опера не е наш фах. Многу ми е тешко што не сум распејана доволно, во смисла, правам голема пауза меѓу настапите, но сепак ова распевање на некој начин не одржува, а да не бевме во опера, сега ќе бевме закржлавени. Во Македонија на моменти се чуствувам заборавено. Кога ќе ме прашаат зошто не пееш, сакам како што јас си ја ценам публиката и публиката мене ме цени, знам дека имам своја публика, но сакам и државата да ме цени.
Песните си го зборуваат своето, бидејќи имаш многу прегледи на „Јутјуб“, старите песни сѐ уште живеат, дали ќе имаме таква песна на „Скопскиот фестивал“?
Лидија: Апсолутно, мене битна ми е само наградата од публиката. Ова ќе биде песна што ќе се слуша. Песна која што е лесно слушлива, но воопшто не е лесна за изведба. Ова е одлична композиција, Маја направи одличен текст, Трајче одлична музика, Фис прекрасен аранжман, јас и Марјан сме со стаж на сцената, така да верувам дека целиот овој пакет ќе биде одличен. Композицијата ќе ја задоволи македонската јавност, нормално не можеш да задоволиш 100 проценти од луѓето, некој ќе има можеби и негативни коментари, но тоа е тоа, да се има и позитивни и негативни.
Имаме многу звучни имиња на „Скопски фестивал“. Дали „Евровизија“ беше предизвикот за да се вратат некои имиња и каков е твојот личен став за „Евровизија“, дали е предизвик?
Лидија: Не знам дали за ова мое конкретно појавување на фестивал можам да зборувам за „Евровизија“ како предизвик, затоа што првично, додека ја работевме песната, па потоа и се испрати на конкурсот за „Скопски фестивал“, никој од нас не знаеше дека е всушност избор за Евровизија, туку дека е само конкурс за Скопски фестивал. Подоцна беше објавено дека ќе биде воедно избор за евровизија. Јас имав можност да настапувам досега, зборувам конкретно за „Скопскиот фестивал“ бидејќи е избор за песна за Евровизија, присутна сум од 90-тите година. Можеби тогаш било сатисфакција, сега не велам дека нема да ми биде задоволство, бидејќи чувството да настапуваш како претставник на својата земја пред милионска публика е нешто што секој пејач посакува . Кога сум имала 18 или 19 години, тогаш не се избираше песна за „Евровизија“, тогаш беше само „Скопски фестивал“, јас земав Гранпри, но немаше избор за песна на „Евровизија“. Сепак главниот предизвик за мојот настап е одлична екипа и одлична песна. Се надевам дека публиката ќе препознае квалитет и ќе го награди оној кој навистина заслужува, затоа што на крај, сепак сите сакаме да бидеме како земја претставени во најдобро светло.
Потекнувате од музичко семејство кое што на времето во Југославија важеше за едно од најпознатите музички имиња. Каква е подршката од семејството за враќањето на сцена, бидејќи вашиот татко беше скептичен за она во кој правец се движи македонската музичка сцена?
Лидији: Сите сме скептици, зборувам генерално, не можам да кријам дека сме скептици затоа што би сакала се да биде во нагорна линија, меѓутоа не баш сите искуства ми беа дека се во нагорна линија, дури некои има и дека постои стагнација, опаѓање за жал, иако јас сум од времето на сцената. Конкретно за фестивалите не, тие во се ме поддржуваат генерално, но конкретно за фестивали не се нешто многу, но кога работиш со децении наназад, ќе ти премине во едно искуство, рутина. Трема не постои, постои одговорност, јас се концетрирам, секој момент ми е осмислен во однос на динамика, како да се развива целата композиција. Ти во три минути треба се да покажеш. Друго е да речеме кога не сум размислувала вака пред 20 години, но сега ми е драго што искуството си го прави своето и секој ден се повеќе созревам и се осознавам себе си. Тоа ми е резултат и си се преиспитувам како сум размислувала во јуни на „макфест“, а како размислувам сега, во интервал од 3-4 месеци, а замислете децении наназад.
Што се плановите за после фестивалот?
Лидија: Планови веќе немам, во животот научив дека се она што го планирам, оди во некаков обратен правец, затоа имам визија и сакам таа визија да си ја реализирам. Што ќе биде понатаму нема да откривам. Очекувам дека ќе успејам во мојата реализација, така да со тек на време ќе слушнете и ќе се радувате на моите успеси.
Разговараше: Владо Оцевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.