| четврток, 6 декември 2018 |

Хојт Брајан Ји: Со асистенција на Нимиц можно е решение за името

Со асистенцијата на Нимиц решение за спорот за името е можно, изјави заменик помошник на државниот секретар на Стејт Департментот задолжен за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји спроти новата рунда разговори закажани за денеска во Њујорк.

– Комплетно се согласувам дека за Западен Балкан, за Европа, а пред се’ за Македонија е значајно да се најде решение за проблемот со името, по што земјата ќе може да се приклучи кон Европската Унија и НАТО. Но, не е се’ во рацете на едната или другата страна. На двете страни останува да ја најдат потребната флексибилност и политичка волја за да се постигне компромис, рече Ји запрашан од Дојче Веле зошто САД кои ја имаат признато Македонија под уставното име, не пресечат по ова прашање.

Високиот американски дипломат Хојт Брајан Ји е во тек со случувањата во земјата, со оглед дека во јануари годинава го посети Скопје, каде што разговараше со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

– Уште еднаш ќе кажам: со асистенцијата на амбасадорот Нимиц, кој има задача од Обединетите нации, веруваме дека решението е можно и ние ќе го поддржуваме колку што можеме, одговори високиот американски дипломат Хојт Брајан Ји.

Тој дополни дека САД ги поддржуваат аспирациите на Македонија да се приклучи кон НАТО и Европската унија.

– Верувам дека ако има добра волја на обете страни можно е да се најде решение за сите предизвици и да се надминат сите пречки. На ова Македонија мора да работи со добри преговарачи, заедно со Нимиц. Ние правиме се што можеме да ги охрабриме и двете страни да го поддржат амбасадорот Нимиц да дојде до решение. Но, навистина, тоа зависи од двата главни града – да изнајдат политичка волја и флексибилност, да постигнат заедничко решение, подвлече американскиот дипломат Хојт Брајан Ји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top