| четврток, 6 декември 2018 |

Доктори од Лос Анџелес ги обучуваат македонските колеги и психолози во областа на аутизмот

autizam1

Врвни експерти од областа на атутизмот во САД престојуваа изминатата недела во Македонија. Тимот го сочинуваат вкупно 4 доктори и професори со повеќегодишно искуство во Центарот за истражување и третман на аутизам, во рамки на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес кој претставува еден од најпрестижните едукативни центри во светот.

Тимот за аутизам предводен од професор доктор Кони Касари, во изминатиот период континуирано ги обучува македонските доктори за примена на најсовремени методи за третман на деца со аутизам, преку изучување на програми кои се применуваат во повеќе земји во Европа и светот. Дел од едукацијата тимот ја спроведува преку видео-конференциски врски.

Во текот на вчерашниот ден, тимот оствари средба со Министерот за здравство, Никола Тодоров, на која се разговараше за потребата од воведување на програма за рано детектирање и третирање на деца со аутизам, по примерот на американскиот модел на ваква програма. Целта е со имплементирање на програмата да се обезбеди третман за овие деца од најмалку 20 часа неделно, што ќе претставува голем чекор во насока на унапредување на состојбата од најраната возраст на децата со аутизам, чиј третман моментално се сведува на неколку часа неделно.

Предвидено е зајакнување на улогата на домашната визита, која согласно моделот кој беше сугериран од врвните експерти од САД, ќе ја спроведуваат дефектолозите, и ќе биде фокусирана на посета на деца со аутизам, а за таа цел е предвидено спроведување на интензивна обука за дефектолозите.

Обуките од врвните експерти од областа на аутизмот се спроведуваат во пресрет на формирањето на Центар за аутизам, како дел од проектите на Владата на Република Македонија за периодот 2014 – 2018 година. Согласно Програмата, предвидено е Центарот да биде формиран во 2017 година, со цел вршење рана дијагностика и третман на лица со аутизам од страна на специјално обучени доктори и психолози, со примена на мултидисциплинарен пристап.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top