| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските лекари имаат одлична можност за усовршување во медицинскиот центар „Роналд Реган“

На средбата помеѓу премиерот Никола Груевски со претставниците на реномираниот медицински центар „Роналд Реган“ во Лос Анџелес, беа разгледувани можностите за остварување на продлабочена соработка во повеќе области и сфери, како и развивање на нови форми на заедничко дејствување.

До сега вкупно 29 македонски лекари оствариле пракса и работа во Лос Анџелес при што изучувале нови методи на работење кои што веќе започнаа да се применуваат и во Македонија.

Премиерот Груевски по средбата истакна дека нему му претставувало задоволство што со претставниците на овој огромен медицински центар денеска имавме заедничка средба.

Тој посочи дека главно разговорите биле водени  во неколку правци:

Прво значително зголемување на бројот на лекари кои што ќе доаѓаат во Лос Анџелес, за што тие покажаа целосна спремност и подготвеност, тие се задоволни од досегашната работа на македонските лекари и ги оценуваат добро нивните перформанси и нивното работење. Второ, им го претставивме концептот на слободни здравствени зони и ги поканивме да размислат и да проучат евентуално нивно вклучување во овој проект. Тие иако немаа такви излегувања надвор од Америка, покажаа интерес особено ако најдат некоја компанија која би ја изградила болницата, а тие да влезат со своето знаење и искуство. Тоа им е посебно интересно и доколку се вклучат и се кандидираат да отворат болница тогаш таа би била регионална за целиот поширок регион. Третата тема за која што разговаравме е доаѓање на нивни лекари во Македонија и престој на подолг период. Тие потврдија дека се согласни за оваа работа, така да ние ќе ги продолжиме разговорите во таа насока – изјави премиерот Груевски.

Директорот на „Роналд Реган“ и медицинскиот центар Томас Коутс изјави дека повеќе македонски анестезиолози, хирурзи, кардиолози и педијатри се обучуваа во болницата во Лос Анџелес, и изрази задоволство од нивниот ангажман, способност и квалитетна работа и додаде дека заедничката соработка продолжува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top