| четврток, 6 декември 2018 |

Со нови законски решенија во борба против сивата економија

spasov 2

Предлог-законот за забрана и  спречување на вршење нерегистрирана дејност има за цел да го спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголем бизнис, кој не е регистриран и е дел од сивата економија и не исполнува никакви стандарди, како на пример: физичките лица што градат згради, маркетинг во кој работат повеќе работници, а сопственикот нема никаква фирма и функционира како физичко лице, нерегистрирани угостителски објекти, ресторани, кафулиња, сендвичарници што продаваат храна на голем број граѓани, увезувачи и продавачи на возила.

– Нашата цел со овој закон не е да ги опфатиме и казниме работите и услугите кои се вршат во домаќинствата (односно некој во сопствениот дом кога ќе повика мајстор или хигиеничар) и токму заради тоа овие услуги, односно сите услуги во домаќинствата нема да се опфатат со овој предлог-закон и се исклучени – изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој учествуваше на првата јавна расправа во однос на ова ново законско решение.

Министерот Спасов истакна дека нацрт-текстот е подготвен по опсежни анализи, црпење на искуства од слични решенија во соседството, но и консултации со партнерите од Економско-социјалниот совет. Воедно, тој посочи дека до сега не постоело законско уредување што ја уредувало оваа материја.

-Нерегистрираната дејност беше парцијално регулирана во дел од посебните закони, додека пак во одредени закони и воопшто не беше регулирана и опфатена. Во законите каде што е регулирана, има минимална казна за вршење на нерегистрирана дејност или воопшто ја нема. Практично  поради тие причини постоеше огромен простор и стимул за сивата и неформална економија. Односно, оние кои не беа регистрирани не плаќаат даноци, не ги регистрираат своите бизниси, не ги пријавуваат своите вработени, не ги исполнуваат стандардите за работа, бидејќи практично немаше забрана, ниту казна, ниту постапка која е дефинирана во законите – рече Спасов.

Според Спасов, предлог законот има една голема и конкретна цел, а тоа е намалување на сивата економија, односно отстранување на можноста за вршење на дејност која не е регистрирана.

– Според Државниот завод за статистика, стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број на вработени во државата низ годините опаѓа, но таа сѐ уште е висока и изнесува 22,5 проценти. Или низ бројки процените се дека 152.000 лица се неформално вработени. Наспроти тоа, имаме 527.000 пријавени работници, 93.000 регистрирани приватни фирми, 8.000 регистрирани трговци-поединци, 4.500 занаетчии, кои се регистрирани и работат во согласност со законите – рече Спасов.

spasov

Тој потенцираше дека не смее да се дозволи сите регистрирани приватни компании, трговци поединци, занаетчии  кои ги почитуваат законите и ги плаќаат даноците да трпат штета од индивидуални бизнисмени кои не се регистрирани, кои се дел од сивата економија и практично ги избегнуваат законите и се огромен дел од нелојалната конкуренција.

При образложувањето на Законот, министерот Спасов истакна дека мотив е со предлог Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност да се „воведат стандард и постапка и систем на регулирање на оваа нецелосно регулирана областа, да се подобри бизнис опкружувањето на компаниите и приватните бизниси кои работат во формалниот сектор, креирањето на работни места, заштита на работничките права и социјална сигурност за сите работници.

Законот ќе ги стимулира сите компании кои работат во формалниот сектор. Во јавноста, како што рече Спасов, некако до сега акцентот се стави на физичките лица кои вршат нерегистрирана дејност, заборавајќи дека постојат правни лица(компании, фирми) кои тоа го прават.

– Би акцентирал дека законот ја санкционира и побарувачката од нерегистрирана дејност. Сите оние кои сакаат да ја користат се сооучесници и ја стимулираат. Пластично кажано, тоа се потрошувачи кои користејќи такви услуги се оставаат без заштита. Има многу такви примери во секојдневниот живот- нагласи Спасов.

Законот за забрана за спречување за вршење на нерегистрирана дејност во даночната сфера ќе има своја рефлексија и врз даночната сфера.

-Намерата на законот е всушност, приходите остварени во сивата зона да се легализираат и преку оданочување. Преку воведувањето на овој закон ќе се настојува да се намали одбегнувањето да се плати данок – рече Спасов.

При образложувањето на Законот, министерот Спасов појасни дека Предлог-законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност ќе го санкционира:

– вршењето на дејност од страна на  правно лице која не е запишана во посебните регистри утврдени со закон, покрај трговскиот регистар;

– вршењето на дејност од страна на  правно лице без да поседува законски пропишан акт/и за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон;

– вршењето на дејност од страна на физичко лице  која не е регистрирана кај надлежен орган;

– вршењето на дејност од страна на физичко лице без да поседува законски пропишан акт/и со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон и

– кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган.

Исклучоците или дејностите кои нема да бидат опфатени се:

-работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети, работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува редовно.

-дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари,

-извршувањето на нужна работа за спречување на несреќи или отстранување на последици од природни и други несреќи

– услуга извршена за потребите во домаќинството

-повременото вршење на активност за која со закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган

Во однос на казнената политика, предвидени глоби во законот се:

-Од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице

-Од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице

-Од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече  за прекршокот на работодавач-правно лице како соучесник.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top