| четврток, 6 декември 2018 |

Тринаесеттото издание на „Синедејс“ нема да биде баксузно

Оваа година, „Синедејс“ ќе се затвори со ексклузивен концерт во кино „Милениум“. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе има концерт на филмска музика со музички избор од најдобрите европски филмови во неколкуте изминати години

cinedays

Тринаесеттото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ почнува на 13 и ќе трае до 22 ноември.

– Тринаесеттото, се надеваме не и баксузно, издание на „Синедејс“, оваа престапна година, ни е огромен пресврт. Патот кој го градиме, истовремено чекорејќи по истиот, е пат по кој сме водени од силна верба, без скршнувања и со инает. Моќни, за овој суеверен јубилеј, се погриживме во текот на годинава да не минуваме под бандера, да не скршиме огледало, никако да не отвориме чадор во нашите канцеларии, а најмногу од сè – да ја одбегнеме црната мачка која упорно гледа во нас – велат од Младинскиот културен центар (МКЦ).

Од МКЦ за ова издание на „Синедејс“ најавуваат повеќе од 100 филма, 200 гости, 10 концерти, пет филмски работилници.

Во двете главни натпреварувачки програми на фестивалот, официјалната селекција и селекцијата „Синебалкан“ ќе погледнеме филмови кои отсликуваат извонредни приказни, со одлични примери како замислените ликови се борат да изградат меѓучовечка солидарност меѓу етникумите, нациите, конфесионалностите, генерациите, социјалните класи…, па дури и помеѓу ближните. Во овие петнаесетина филма ќе имаме можност да погледнеме нови, амбициозни автори, чии првенчиња и/или веќе втори долгометражни филмови се наградувани низ филмските фестивали во Европа.

За наградите во овие натпреварувачки програми ќе одлучуваат двете меѓународни жири-комисии, сочинети од наградувани режисери, филмски критичари и професори од разни страни на светот: Бразил, Грузија, Велика Британија, Италија, Германија…

Годинава во програмата „Земја во фокусот“ има селекција на најрепрезентативни бразилски филмови за програмата. Легендарни филмски класици и современи филмови: комедијата „Госпоѓа Флор и нејзините двајца сопрузи“ – Бруно Барето; култниот „Довидување Бразил“ – Карлос Диегеш; најпознатиот бразилски филм на сите времиња – „Црн Орфеј“ – Марсел Ками…

Продолжува традицијата на „Синедејс“ да се прикажуваат кратки филмови на младите перспективни македонски режисери, како и соработката меѓу „Синедејс“ и фестивалот „ДОРФ“ од Хрватска, посветен на музички документарни филмови. Скопската публика ќе има можност да ги погледне документарните филмови за култниот построк-бенд „Слинт“ за Ник Кејв и неговите долгогодишни соработници Иан Форсајт и Џејн Полард, Коктеу Твинс, премиера на филмот „Денот да е радосен” на Љубица Поповска (за скопскиот бенд Културно-уметнички работници); филмот за легендарниот манчестерски бенд „Стоун роузес“.

Од придружната програма, голема регионална работилница за филмска камера која финансиски е поддржана од европскиот фонд за поддршка на кината Еуримаж. На оваа работилница, светски реномирани и наградувани директори на фотографија ќе држат предавања на студенти од филмските академии во Романија, Србија, БиХ, Косово, Албанија, Бугарија, Македонија…

На „Синедејс“ ќе гостува еден од најголемите релевантни филмски критичари – Бојд ван Хој кој пишува за „Холивуд рипортер“, „Варајети“, „Тајмс“. Бојд во рамките на фестивалот ќе одржи работилница за филмска критика.

Во соработка со големата македонска компанија за анимација и визуелни ефекти во филм – Фx3x,„Синедејс“ ќе ја нагости и Виржини Бурдан, светски аниматор и специјалист за визуелни ефекти.

Оваа година, „Синедејс“ ќе се затвори со ексклузивен концерт во кино „Милениум“. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе има концерт на филмска музика со музички избор од најдобрите европски филмови во неколкуте изминати години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top