Еден од најголемите снабдувачи со вино во Шведска, кој е одговорен за цела Скандинавија, е заинтересиран за македонските вина, особено за вранецот.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шеќеровски денеска изјави дека пред два дена македонските вина веќе влегле на листата на овој снабдувач.
– Веќе сме влезени на листата на продажба, посебно за виното „вранец“ и очекуваме нарачки што ќе бидат наменети не само за купувачите од Шведска, туку и од цела Скандинавија. Ова го сметаме за позитивен сигнал и веруваме дека и другите производители ќе го постигнат овој ефект – истакна Шеќеровски пред денешниот семинар на кој ќе бидат презентирани регулативите за извоз кон Шведска и потребите на скандинавскиот пазар.
Според шведскиот амбасадор Матс Страфансон, потенцијалот за соработка е голем, а македонските производи генерално имаат висок квалитет.
– Шведска е отворен пазар и импортираме многу храна. Македонските компании, особено малите, немаат големо искуство со нашите компании, кои се географски оддалечени. Сепак, има голем потенцијал што треба да се искористи во иднина – рече Страфансон.
Трговската размена меѓу Македонија и Шведска во моментот е мала, но во иднина се очекува надминување на негативниот трговски биланс кон оваа скандинавска држава. За таа цел, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во соработка со Шведската амбасада и Оупен Трејд гејт Свидан организира во Скопје дводневен семинар на кој присуствуваат 25 македонски компании од прехранбената индустрија, кои сакаат да го освојат шведскиот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.