| четврток, 6 декември 2018 |

Наградите на „Нова Македонија“ за краток расказ доделени на Стефановски, Димевски и Петревски

Иако годинава меѓу добитниците имаше само мажи, останува впечатокот дека најголем дел од нив се веќе афирмирани автори, кои ѝ се познати на читателската публика како добитници на награди на конкурсот и како долгогодишни соработници

– Веројатно е коинциденција што голем дел од добитниците на наградите на Конкурсот за краток расказ годинава веќе работеле или соработувале со „Нова Македонија“. На овој конкурс учествувам уште од 1980-тите години. Досега сум ги добил речиси сите награди, но првата ја добивам првпат и тоа ми е посебно драго – рече Милован Стефановски, автор на првонаградениот расказ „Зелениот клукајдрвец“.

Жирито за неговиот расказ заклучи дека се изделил од преостанатите поради хармоничниот и повеќеслоен впечатлив исказ, исполнет со јадровитост и автентично амбиентирана експресивност.

Втора и трета награда на анонимниот конкурс добија Петре Димевски за расказот „Како душата се одвои од телото“ и Христо Петревски за „(Пре)раскажувачот“.

Доделени се и три откупни награди – на Јосиф Џочков за „Последното слово на Теохар Георгиев“, Димитар Димовски за „Создавач на светови“ и на Трајче Крстевски за „Охридскиот крап“.

Претседателот на жирито Чаловски истакна дека на конкурсот пристигнале раскази со разновидни теми и со нови стилови.

– Големо е задоволството да се жирира при ваков одѕив. Кусиот расказ како жанр добива високо место во современата македонска книжевна продукција, за што голем придонес има токму овој конкурс, рече Чаловски.

Наградените раскази ќе бидат објавувани во прилогот на весникот ЛИК секоја среда почнувајќи од идната со првонаградениот на Стефановски.

Конкурсот на „Нова Македонија“ со кратки паузи се организира од 1960 година. Оваа година тој е во рамки на одбележувањето 70 години од излегувањето на весникот (29 октомври 1944).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top