| четврток, 6 декември 2018 |

Пожар до темел ја пеплоса црквата „Вознесение Христово“ во Беровско

Во пожар денеска до темел изгоре црквата „Вознесение Христово“ („Св.Спас“), во беровското село Владимирово. Таа важеше за еден од најстарите и најубавите православни храмови во Малешевијата.

Причините за пожарот не се познати, и нив надлежните органи ќе ги утврдуваат во наредните денови, но се претпоставува дека пламенот започнал и се проширил од свеќникот поставен во непосредна близина на олтарот.

– Интервенцијата на противпожарната служба од Берово не можеше да ја спречи огнената стихија, која за петнаесетина минути до темел ја изгоре црквата во Владимирово, но со трите цистерни и помошта од локалното население придонесе да го спречи проширувањето на пожарот до помошните црковни објекти и соседните куќи, информираше пожарникарот
Димитар Бокушовски.

Свештенослужителите од Струмичката епархија велат дека штетата е ненадоместлива, бидејќи изгореле вредни икони и сакрални предмети, но веруваат дека верниците од селото и од Малешевијата ќе смогнат сили и средства изгорената црква во Владимирово да ја обноват.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top