Седејќи на балкон и пиејќи го своето кафе во приквечерните часови на ова, што би рекле старите, циганско лето, повторно, како и секоја вечер го гледам крстот на Водно. Најчесто убава глетка, но вечерва е чуден. Не е цел. Едниот крак го нема. Иако се работи за некој проблем со инсталацијата, се добива впечаток дека гледате во нешто незавршено… И кога ќе размислам, незавршено е. Не поради прегорените светилки или лошата инсталација. Милениумскиот крст ни приближно не е тоа што беше најавено. Се сеќавам кога пред десет години, на 28 август, големиот христијански празник Голема Богородица, првпат видов како светна големиот крст на Водно. Сѐ уште недоправен, светна. А, зошто беше така? Затоа што следуваше фамозниот 15 септември… Се сменија боите во Владата, се смени политиката кон овој споменик над градот.

Што се случи не им е јасно ни на авторите на Милениумскиот крст, архитектите д-р Јован Стефановски – Жан и д-р Оливер Петроски. Но, како размислуваат тие за градбата висока 80 метри на врвот на Водно, проект за кој имаат добиено меѓународно признание, сребрен медал за тригодишно остварување во светски рамки на „Интерарх 2003“, награда доделена од Светската академија на архитекти?! Иако, нивното дело остана недоправено.
– Се сеќавам дека имаше изложено повеќе 200 проекти. Оливер во еден момент, гледајќи ги другите проекти, ме праша што бараме овде. Јас знаев дека имаме што да покажаме. Ние не сме свесни што имаме – се потсетува Стефановски.
Жртва на политичка игра
Во 2002 година, можеби малку избрзано, непосредно пред парламентарните избори, Владата на Љубчо Георгиевски ја прсече црвената лента. Стефановски вели дека тогаш била завршена само првата фаза. Тој го дели проектот на три фази – првата – објектот да се доживее од далеку, втората – да се доживее однатре и третата фаза – уредување на просторот околу крстот, каде што влегува манастирски комплекс, кој требало да се гради на другиот врв. Но, сѐ застана во првата фаза. Стефановски и Петроски се едногласни – мора да се сфати дека објектите не се паметат по тие што ги почнале, се паметат по тие што ги завршиле.
– Не викам дека Крстот е жртва на политички игра. Сигурен сум во тоа! А, ако се размисли подлабоко – некој го почнал, некој го градел, друг ќе го заврши. Прашање е дали тие што го завршиле помалку се паметат од тие што го почнале. Зависи кој како ќе им пристапи на работите. Која и да е владејачка гарнитура, не може да го однесе со себе. Ќе си остане и ќе се знае кој го почнал, кој го завршил. Значењето што го има овој крст ги надминува тие меѓупартиски игри – вели Петроски.

Стефановски смета дека МПЦ не може да се носи со ваков проект, кој и од архитектонски аспект и од симболичен аспект има неверојатни бројки и вредности, кои се занемарени.
– А зошто се занемарени? Дали од аспект на времето или од теснопартиски игри не би сакал да зборувам. Но, знам дека крстот стои. Ѝ беше доделен на МПЦ, Фондацијата „Милениумски крст“ требаше да го заврши и да го додели, но тука сѐ стои…- коментира тој.
За време на Владата на СДСМ, со крстот не се случуваше ништо. Со промената на владејачката гарнитура во 2006 година се размрдаа работите, но не доволно за овој објект да биде завршен и да добие своја приказна. Петроски вели дека на една-две години ќе се појави новинар со прашање до каде е, и тогаш почнуваат најави, кои остануваат само на ниво на најави.
– Ќе дојде пролет и сите се со елан дека ќе правиме нешто, па доаѓа есен, ги фаќа паника дека ќе фател мраз, објектот да не падне. Уште сто години да остане така, објектот нема да падне. Битно е дали сакаме да го направиме и сите да уживаме во него и да се гордееме со него? Дали сакаме со малку труд и финансии да го направиме функционален? – смета Петроски.
Тој вели дека не е благодарно да зборува за бројки во однос на тоа колку пари се потребни за да се заврши овој 66-метарски крст, со подлога висока 14 метра. Но, во однос на тоа што е вложено , додава тој, и на тоа што тој крст ќе претставува, сумата е симболична. Професорот Стефановски, сепак, е поконкретен кога се во прашање бројките. На состанокот со одредени челници, кој се одржал минатата година, приложиле што треба да се направи, а процената било дека за комплетно завршување на крстот се потребни два милиона евра. Се чини некому не му се допаднала таа бројка.
Петроски смета дека ако Владата, која се јавува како главен донатор во првата фаза, реши да го заврши тоа што е почнато, мора да разграничи до каде се нејзините ингеренции.
– Одлуката дали да се прави или не е политичка, и тука треба да заврши политиката. Потоа треба да им се остави на професионалците. Потребни се тројца-четворица, кои одреден период ќе ја скенираат сегашната состојба. Потоа проектантите треба да ја споредат таа состојба со проектираната состојба и да направат нов проект за кој се потребни неколку месеци. Следува тендер и почеток на работите. Но, тоа да го работат стручни лица. И мора да се определат разумна временска рамка и буџет, кои ќе произлезат од процената и од проектот на професионалците. Но, се појавија едно чудо луѓе што немаат врска со ова, но си лицитираат, да се заврши за 15 дена, 20 дена, со 100.000 евра, 200.000 евра… Тие информации имаат вредност и тежина идентична на вредност на муабет направен во кафеана со шопска и со ракија. Така сите сме стручњаци од општа практика. Кога ме боли заб одам на забар, не се го поправам сам. Но, во нашата професија сите се стручњаци и си толкуваат како ми одговара. И ќе излезат од таков кафеански муабет, ќе си дадат изјава тоа ќе се заврши за дваесетина дена, вие го пренесувате како новинари, читателот ја консумира таа вест и потоа зошто не е направено за 20 дена – вели Петроски.
2 500 билети во еден ден
Жичницата од Средно Водно кон врвот значително ја зголеми посетеноста на Крстот. Директорот на ЈСП, Мишо Николов, вели дека фреквенцијата ги надминала сите очекувања.
– Во неделата минатиот викенд 2.500 граѓани платиле билети за жичницата. Тука не влегуваат децата и пензионерите, кои се возат бесплатно. Има и луѓе што се качуваат пеш. Судејќи според минатата зима, се очекува фреквентност и во деновите кога би имало снег – вели Николов.
Тој тврди дека се направени одредени разговори со Фондацијата „Милениумски крст“ и со другите вклучени страни во овој проект за да се доврши овој проект. Смета дека за в година ќе има промени на врвот на Водно, но што, засега останува тајна
Посетителите на Водно, генерално, се задоволни од можноста со жичницата да се искачат на врвот. Но, сепак, имаат забелешки на тоа што им се понудено. Скапиот киоск, во кој едно шише вода од половина литар се продава за 50 денари, непостоењето тоалети се само дел од тоа што им пречи на скопјани.
Забранет пристап
И двајцата сметаат дека Крстот го нарекуваме објект, а, сепак, се работи за градилиште.
– Објектот е градилиште, нема употребна дозвола, тој треба да се затвори. Знаете ли што значи да падне еден шраф од горе, од 50 -60 метри?! – праша Стефановски.
Петроски е уште посторг за ова прашање. Според него, треба да се стави градежна ограда, со знак за забранет пристап и предупредување за опасност:
– Кој би одговарал во случај на несреќа – сопственик? Кој е тој? Инвеститор? Нема. И ќе дојдат до мене како надзор, а сум бил надзор во 2001 година и оттогаш никој ниту ми го продолжил ниту ми го раскинал договорот. Како надзор сега треба да дадам градежна дозвола и да забранам пристап. И тоа сум го напишал и пратил. Сега имаме нешто, а немаме ништо. Кој направил технички прием на тој лифт? Никој. Па како се возат луѓе? Правиме споменици, немам ништо против, но имаме споменик што сме го почнале и не го почитуваме. Новите се нови, но на овие што да им правиме?!
Прегорени светилки место во четири бои
Од проектот е реализирано само 40 проценти – направена е силуета. Архитектите велат дека ниту инсталацијата не е направена според предвиденото. Бил реализиран само еден дел. Место само кон Скопје, Милениумскиот крст требало да свети од сите страни. Требало да има четири фази, односно четири бои – за делник, празник и посебно за големи празници како Нова година, Божик, Велигден. Било предвидено и осветлување од далеку со рефлектори и со ласерски бимови на сите четири крака за да свети како што свети кога Исус е распнат на крстот. Во долниот дел требало да се направи Црква, а првиот кат да биде ресторан.
При изградбата на конструкцијата се внимавало на секој детаљ. Основата се огромни столбови направени со посебна технологија. Се слушнала некоја приказна за објект во Сибир што бил урнат од невреме, по што Крстот се правел да издржи и ветар како тој во Сибир. Денес на крстот се прават работи за кои воопшто не се консултирани проектантите.
– Сѐ што е ставено е ставено на диво. Тие скали на кои ќе паднеше премиерот се направени на диво. Погледнете како е обложено од некои парчиња мермер. Се ставаат некои прозорци, кои не одговараат, биле донација. Го почна Владата и треба да го заврши, без разлика која партија е на власт – коментира Стефановски, според кој за да се почне каква било изградба, мора прво да се врати објектот во состојба како таа од 2002 година.
Приказната продава
Покрај недовршените градежни работи, на објектот му недостига и приказна што ќе го направи функционален, сам да си ги покрива трошоците и да има заработка за тој што ќе стопанисува со него.
– Ако сакаме да го промовираме Милениумскиот крст, мора да имаме стратегија. Да се направи приказна за странците кога ќе дојдат да имаат мотив да се качат и да го видат. Таа приказна можеме да ја направиме како што сакаме – од духовен или од инженерски аспект, како највисок споменик во одреден регион. Самата градба сама по себе е интересна. Висината, надморската височина каде што е изградена…Гледаме дека некаде ќе се стави камен и од тоа прават светска сензација. Видете ја статуата во Рио. Два- трипати пониска, а цел свет ја знае и ја посетуваат 1,8 милион туристи годишно. И таа статуа е градена, не паднала од небо, но има убава приказна и сите одиме да ја видиме. Ние имаме локалитет, наречен Крстовар, кој сам по себе си има свое значење, држава, која не знам колку пати е спомената во Библијата… ги имаме сите предуслови за добра приказна, само треба да ја направиме. Ни стои над нас, не знаеме ни колку е високо, ни зошто е направено… – вели Петрески.
Берлускони сакал, но не се качил
„За време на посетата на Силвио Берлускони на Скопје во ноември 2002 година, тој го здогледал крстот од својата соба во ’Александар палас‘“, пишува Борис Ставров, член на Фондацијата „Милениумски крст“, во една своја колумна. Според него, откако Берлускони добил некој одговор „тркалезно, па на ќоше“, а тие денови имајќи уште едно чудно искуство со првенците на тогашната тукушто формирана влада, кои со судни маки се труделе Берлускони да не се сретне со тогашниот претседател Борис Трајковски и откако не успеал во намерата да положи цвеќе на споменикот на Мајка Тереза, забавниот Италијанец се откажал од својата намера останувајќи, најверојатно, во прашалници што им е на овие луѓе, зошто се однесуваат толку тапаџиски со тоа што го имаат…
Пишува: Билјана Зафирова
Текстот е објавен во неделникот Република (26 октомври 2012, 8 број)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


