Во април, во Мултимедиа арт музејот во Москва, ќе биде прикажан целиот долгометражен опус на културниот амбасадор и Национален уметник на Република Македонија: „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“. Ретроспективата е организирана од директорот на Музејот, Олга Свибилова.
Деновиве се појавија и неколку академски студии и книги во кои се анализира или се спомнува делото на Манчевски.
Професорот по класични студии на престижниот универзитет Харвард, Дејвид Ф. Елмер го публикуваше трудот „Орестес во Скопје: Македонската Орестеја на Милчо Манчевски“. Оваа академска студија го анализира филмот „Пред дождот“ од аспект на компарација со античките митови, особено со оној на Орестес.
Во Германија „Пред дождот“ прецизно се анализира во книгата „Војната во меидумите“, уредена од Хајнц-Питер Преусер. Исто така во Германија, филмот е анализиран и во студијата на Џулија Екел „Надминување на времето во течението на слики – медискиот процес од другата страна на функционалното“.
За „Пред дождот“ зборуваат и бразилскиот професор Фернандо де Така во „Фотографија: Интертекстуалности и хибридизми“ и Американецот Џон Филипс во „Македонија: војсководци и бунтовници на Балканот“.
Издавачот „Палгрејв Макмилан“ ја објави книгата „Балкански перспективи“ од авторот Вангелис Калотихос, кој опширно го анализира „Пред дождот“.
Куриозитет е тоа што овој македонски филм е толку навлезен како филозофска предлошка во популарната и академска култура, што реплики од филмот се користат како мото во најразлични академски студии – од студија за економијата во Уругвај („Трајност и ранливост – уругвајскиот долг 1988-2005“ од Изабел Риал и Леонардо Винсенте започнува со мото-реплика од филмот) до студија за молекули (Марија Евгенија Веласкез го цитира „Пред дождот“ во нејзиниот научен труд „Спинодалнораспаѓање во тенки слоеви на бинарни полимер мешавини“).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.