На младата актерка Ивана Павлаковиќ (23) во изминатиот период ѝ се случија две убави работи во професионалната кариера. Прво нејзиниот дебитантски филм „Деца на сонцето“, каде што ја толкува главната улога, а неодамна беше и премиерата на претставата во Драмски театар „Ждрело“, за чија улога доби одлични критики.
Во претставата „Животот на Молиер“ играше замена на лик и во тој привремен ангажман личен тутор ѝ беше Никола Ристановски. За тој период од животот вели како да завршила уште еден факултет. За ангажманот во претставата „Ждрело“ вели дека минал во совршено инспиративна атмосфера. Смета дека животот го прават малите работи, а никако не се откажува од слобода, љубов и од емоции.

За кратко време ви се случија две убави работи. Неодамна беше премиерата на „Деца на сонцето“, во кој го играте ликот на Ангела, една од главните улоги, а потоа и театарската премиера на „Ждрело“ во Драмскиот театар во Скопје. Како го поднесовте тој голем товар на вашите млади плеќи?
ПАВЛАКОВИЌ: Не би рекла дека ми беше товар. Драго ми е што публиката имаше можност да види два мои процеси на работа и на созревање, сосема различни еден од друг, кои мене лично, полека но сигурно, ме оформуваат и развиваат како личност и актер и, нормално, ми значат многу. Филмот ми се случи додека бев студентка во трета година и буквално ми падна од небо бидејќи ретко се нуди сценарио, посебно кај нас, во кое главниот лик го толкува млада девојка, и тоа беше огромен предизвик за мене. Немав никакво филмско искуство пред тоа и поминаа речиси две години откако заврши целиот процес. А, особено ми е драга претставата „Ждрело“ бидејќи работевме под полна пареа во совршено инспиративна атмосфера, во која мене ми беше даден простор за достојна актерска креација, која многу ми значи. Едно големо благодарам на целиот тим, особено на режисерката Зоја Бузалковска, која ми беше професорка четири години на Факултетот за драмски уметности и која ми даде шанса веднаш во дипломирањето да играм кај неа во претстава.
Што паметите од снимањето во Преспа и што научивте од Милица Стојанова, Мето Јовановски, Владо Јовановски?
ПАВЛАКОВИЌ: Камера, аларм во 6 часот наутро, турканица, тензија, топло, кафе, нервоза, смеа и една школа и искуство кои ќе ги паметам и натаму. Примадоната Милица Стојанова е пример за актер кој има неверојатна почит и жар кон својата професија. Таа има толку силен дух како штотуку да дипломирала, а најдраго ми е што со секој разговор со неа таа неисцрпно споделува дел од себе и ми ги отвора очите ширум кон нови хоризонти. Од Мето Јовановски добив еден редок, но исклучително драг животен совет на кој често се присетувам и го чувам за себе, како и пример за професионализам. Додека, пак, од Владо Јовановски гледав колку е битна истрајноста.

Од што не би се откажале од животот?
ПАВЛАКОВИЌ: Од слобода, љубов и од емоција. Тури му пепел ако нема емоција, за сѐ во животот, сакале или не. Нема човек, ни живот без неа.
Покрај театарските ангажмани, ви останува ли време за други интереси кои не се поврзани со професијата?
ПАВЛАКОВИЌ: За време на пробите, кога буквално секоја секунда ми е бесценета, секогаш наоѓам макар малку време во текот на денот кога сум со мирна и со ладна глава. Тој период најчесто е периодот пред спиење. Смешното кај мене е што кога имам повеќе слободно време, не знам што попрво да направам – каде попрво да стигнам, што да прочитам и ми фали моментот да имам некоја активност. Кога ќе се научам на едно темпо, за кое воопшто не се жалам, напротив, драго ми е што континуирано од трета година студии, па досега ми трае, тоа станува дел од мене без кој не можам да функционирам. Желбата, вербата во себе и пасијата се најбитни зашто тогаш има време за сѐ. За книга, филм, шетање, кафе, пилатес, музика…
Дали денес може да се живее од театар?
ПАВЛАКОВИЌ: Театар се прави од љубов. Од тоа колку јас ќе се најдам во приказната која ќе биде важна и инспиративна за мене. Не за пари. Кај нас, за жал, пари се прават од филм или од реклами. А, мене главна водилка за сѐ ми е дека ентузијазмот, истрајноста, вербата и љубовта никој не може да ми ги скроти, колку и подло да се обидува на тоа. Сами си ги отвораме вратите напред во согласност со нашите желби. Е, мене желба ми е театарот. И не се откажувам од него зашто тоа што го чувствувам по добра проба или претстава не се опишува, ниту, пак, се мери со нешто. Легитимен ќеф на душа.

Постојат ли мали нешта што го прават животот поубав?
ПАВЛАКОВИЌ: Малите нешта се како зачините во кујна. Потребен е посебен третман кон нив зашто со самото тоа колку сме навикнале да бидат незабележителни, некогаш не сфаќаме колку сме ги утнале или, пак, воопшто не ги препознаваме, за жал. А, се многу, многу вредни. Најновата книга што ја прочитав од Михаил Булгаков, „Белешките на младиот лекар“, ме шекна. Моите мали работи се мерење улици, шетање по ГТЦ и откривање нови погледи, топка сладолед, добри книги, цвеќе купено од бабичките пред Буњаковец, муабети со другарка ми, учење нови рецепти и неред во кујна, возење во автобус и еден хаос од народ внатре …..многу се. И без нив ќе биде штуро.
Кои се вашите идни ангажмани? Во кој правец би сакале да се развива вашата кариера?
ПАВЛАКОВИЌ: Јас само сакам да продолжам да верувам и да бидам истрајна до крај во сѐ што правам. Никогаш не планирам ништо. Оставам да ми се случи. Знам дека кога ќе се внесам целосно во нешто, колку и да е тешко, на самиот крај трудот се исплати и се враќа. Затоа, само ќе си посакам квалитетни проекти кои ќе ме исполнуваат и во кои ќе уживам да играм. И се надевам дека ќе ми се случат што поскоро.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


