Тензично во разгранокот на ДУИ во Тетово. Напнатоста помеѓу военото и невоеното крило ескалираат по најавите дека градоначалничката Теута Арифи има намера да ја добие и позицијата на претседателка на тетовскиот партиски разгранок, пишува весникот на албански јазик Лајм.
Во средата навечер се одржала мошне напната средба на претседателството на разгранокот на која требало да се назначат петте членови на Координативниот совет кој треба да предложи кандидати за претседател на тетовските интегристи. Членовите на овој Совет немаат право да конкурираат за претседател на разгранокот. Но, кога еден од членовите на претседателството ја предложил Арифи за членка на Советот, друг член реагирал најавувајќи дека таа сигурно ќе се кандидира за првото место.
По таквата најава реагирале со нервоза претставниците на военото крило, заканувајќи се дека ако треба и физички ќе спречат некој претставник од невоеното крило да продолжи да го води разгранокот, каков што е сегашниот претседател Атила Реџепи. По ова настанал хаос по што состанокот бил прекинат, за потоа да биде одложен за неодредено време.
Военото крило бара поддршка од Али Ахмети за остварување на своите намери.
– Ахмети треба да ги поддржи оние кои го поддржуваа во 2001 година. Не треба да поддржува лица кои не се во служба на Албанците, туку на некои други, бидејќи на тој начин се девалвира нашата победа во 2001 година – изјавиле за „Лајм“ партијски извори од военото крило на ДУИ во Тетово, воедно најавувајќи дека се подготвени да преземат „радикални мерки” за да се спречи најголемиот разгранок на партијата да падне под контрола на „продадени личности“.
Изборите за претседател на разгранокот на ДУИ во Тетово треба да завршат на крај на ноември, по што ќе се дознае и новиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ДУИ не се подготвени: Не е време за предвремени избори
-
Ахмети: ДУИ има огромен придонес во менувањето на името на државата со цел доближување до ЕУ и НАТО
-
ДУИ бара да се казнат виновниците за смртта на Саздовски
-
Османи го информираше ДУИ за договорот, партијата со целосна поддршка на Владата во преговорите за името