Битола ќе има модерен стадион, а наскоро ќе биде распишан јавен оглас за јавно- приватно партнерство за заинтересирани фирми што ќе учествуваат во реконструкција и доизградба на постојниот стадион на кој игра ФК Пелистер, најави битолскиот градоначалник д-р Владимир Талевски.
– Стадионот во Битола за нас е посебна грижа, а добро е тоа што и за ФФМ стана приоритет. Ова е покрупен чекор што го правиме заедно со ФФМ, односно реконструкција на теренот и електрификација на стадионот. Ние имаме и проект за реконструкција и доизградба на стадионот за 12.000 гледачи и очекуваме деновиве заинтересираните фирми за изградба на стадионот да го соопштат нивниот интерес, а потоа ќе распишеме оглас за јавно-приватно партнерство – рече градоначалникот Талески.
Вчера во општина Битола, градоначалникот Талески и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, потпишаа договор за регулирање на меѓусебните односи при изведување работи, реконструкција на фудбалски стадион и ревитализација на игралиштето во склоп на стадионот, како и поставување рефлектори.
ФФМ преку УЕФА обезбеди 800 илјади евра, пари што ќе се искористат за менување на подлогата на теренот, односно поставување нова трева и за осветлување на стадионот.
– Станува збор за проект на УЕФА од програмата „Хет-трик четири“ кој овозможува поставување природна трева на теренот според стандардите на УЕФА. Минатата недела, стручно лице од УЕФА во Битола изврши анализа на теренот и ќе даде насоки за реализацијата на овој инфраструктурен зафат на теренот и поставувањето на рефлекторите – изјави Ѓорѓиоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.