Коментарот на Ким Мехмети за „православниот ИСИС“ по прекинот на фудбалскиот натпревар Србија – Албанија осамна на насловните страници на српските медиуми. Мехмети по предводењето на протестите за пресудите за „Монструм“ е споменуван како можен основач на нова политичка партија. Вели дека е против национализмот во институциите, но и дека правата треба да зависат од бројката и од потенцијалот.
По прекинот на фудбалскиот натпревар во Белград на социјалните мрежи напишавте дека се надевате дека „космополитски Албанци/Тирана, конечно, ќе разберат што значи со години да се живее под јаремот на православниот ИСИС. Што значи сето ова?
МЕХМЕТИ: ИСИС не е ниту народ, ниту држава, ниту религија, туку е памет, начин на мислење што ги исклучува и мрази сите други, што може да отсече туѓи глави. Јас во таа моја изјава сакав да нагласам дека ние Албанците тука со децении живееме во такво опкружување каде што јавно се бара или се искажуваат мислења дека „само мртов Албанец е добар Албанец“, убиј Албанец да не постои воопшто, а сето тоа за мене е таа – исисовска памет, што мрази сè што не е слично на неа, што, врз верска основа, можеби, би го правела истото што се случува во тие арапски држави. Оттука јас, навистина, мислам дека во нашето опкружување има такви центри, кои се водат по таа исисова логика дека секој што не припаѓа на твојата религија или ентитет треба да не постои.
Велите, надвор од нашето опкружување, надвор од Македонија?
МЕХМЕТИ: Мислам дека и во Македонија го има тоа. Не треба да бидеме слепи дека и денеска на некои згради ќе видиме испишани пароли „Смрт на Шиптарите“. И денеска на спортски натпревари каде што не се игра со албански тим се извикуваат тие пароли. Што значи тоа? Јас знам дека во секој народ ќе најдете група што мрази некои други, но во што е разликата. Додека се извикуваа такви пароли на стадионот во Белград каде што беше претседателот на Србија, тој не стана да си оди. Јас да ве потсетам дека хрватскиот претседател јавно има кажано дека сè додека публиката извикува такви националистички шовинистички пароли, тој нема да оди на натпревари. Така што кај мене постои дилемата дали е тоа определена група од народот или тоа институционално се негува. За Србија сега имам аргумент дека тоа институционално се негува. Никој од тамошните државници не се дистанцираше од тие повици. Мене не ми е проблематично тоа дали 10.000 луѓе мене ме мразат како Албанец, но кога тие се хранат и институционално, тоа е веќе проблематично.
Што е ИСИС?
МЕХМЕТИ: Тоа е чисто антиисламистичка организација, која има толку нечовечност во себе што не може да се поврзе со ништо исламско, со исламската религија, која, пред сè, го става човечкиот живот, која вели дека „Бог го создал човек, човекот е сопственост на Бог и само Бог може да одземе човечки живот“. Значи во срцевината го уништува исламот. Според мене, толку е антиисламистичка што на исламската религија не можеше да ѝ се случи ништо полошо од појавата на ИСИС.
Кој е вашиот став за санкционирањето на учеството на млади Албанци во тие формации?
МЕХМЕТИ: Што се однесува до Албанците, јас не сум од тие кои мислат дека мојот народ е најубавиот, најпаметниот, најдобриот, јас не сакам таква „српска памет“ да надвладее кај нас Албанците. Ние сме народ како и сите останати, меѓу нас има секакви.
Има ли таква тенденција?
МЕХМЕТИ: Апсолутно не. Кај Албанците постои нешто што секој треба да го знае, дека ние сме трирелигиозен народ. И такво конфронтирање ќе значи уништување на албанскиот народ. Но, веројатно меѓу Албанците има такви абдали што се верски настроени, и кај христијаните и кај муслиманите Албанци, но тие засега немаат учество во создавањето на колективната свест на Албанците. Толку се минорни и никој не знае зошто некој оди таму. Прво таа војна нема ништо со Албанците, ниту со исламот. Тоа е војна чисто за превласт. Дали се оди за пари или за нагони, кои ги имаат луѓето? Знаете, убијци има и во Скопје, меѓу нас, само немаат услови да ги реализираат тие нагони и може таму најдоа терен за да ги реализираат нечовечките нагони.
Велите дека албанскиот национализам постои само во главата на Груевски, а потоа повикувате на уривање на институциите, велите дека децата се поголеми националисти…
МЕХМЕТИ: Пред малку реков, иако ми е болно, немам проблеми кога навивачите ме мразат, туку кога ме мразат институциите. Да повторам, „Скопје 2014“, енциклопедијата, учебниците во кои стои дека Албанците се таму некои луѓе симнати од планини не е проект на навивачи, туку на државните институции. Епа што ќе ми се тие институции што не се грижат за мене како за граѓанин? Што ќе ми е влада што ќе ги штити интересите само на етничките Македонци. Кај ќе оди таа држава, која со 30 проценти Албанци, како приоритетен интерес ѝ е само македонскиот?
Секој Македонец и секој Албанец во оваа држава, треба да сфати дека оваа држава има два носечки столба – Македонци и Албанци – и дека само будали што не ја сакаат оваа држава мислат дека ако едниот столб го ослабнат, а другиот го зацврстат, државата ќе стане посилна. Тоа е нелогично, а тоа го повторувам јавно, во сите албански медиуми. Секој што не ѝ мисли добро на оваа Македонија, нека не троши пари да финансира протести или што било друго, само нека се моли оваа држава и натаму да е водена од овие политички елити. Таа сама по себе ќе се распадне.
Колку проблемите на Македонците и на Албанците се различни? Дел од вработените по Рамковниот земаат плата а не одат на работа.
МЕХМЕТИ: Јас не сакам младината во земјава да се „пензионира“ на млади години. Да зема плата и да не работи. Охридскиот рамковен договор не е тоа. Охридскиот договор се урна и тој е мртов документ. Се урна со тоа што се уништи комитетот за меѓуетничките … кој требаше да биде втор дом, да ја реализира меѓуетничката консензуална демократија, и се сведе на тоа да ѝ послужи на ДУИ за да вработува свои партиски послушници, кои не само што примаат плата од државата, од нас, туку и работат за партијата, за ДУИ. Јас како Албанец не го сакам тоа, кој ви рекол дека јас го барам тоа.
ДПА секогаш во рака има барање за „втор договор“, кој е Вашиот став за тоа?
МЕХМЕТИ: Охридскиот договор требаше да се реализира до 2004 година, сега сме 2014 година. Јас на Албанците им велам дека Договорот не остана нереализиран само поради македонските политички елити, туку и поради нашите политички елити, кои го сведоа на парола и за вработување на своите политички послушници. Сакам да сум праведен. Од 2001 година наваму ние имаме проблеми со нашите корумпирани политички елити, кои го приватизираа и народот. ДУИ има свои гласачи, нив и ВМРО-ДПМНЕ веќе никој не може да ги смени на избори. Никој. Тие најдоа механизам како цели семејства да ги направат заложници со вработување на еден член. Оттука ДУИ воопшто не е помалку виновна за ова што се случува. ДУИ е коавтор на „Скопје 2014“, на Енциклопедијата на Македонија. ДУИ не е надвор од ова.
Каква е таа мултиетничка демократија во која буџетот се усвојува со мајоризација? Или кога јас однапред знам дека како Албанец нема да бидам ниту претседател, ниту министер за надворешни или за внатрешни работи, ниту гувернер на НБРМ. Ние зборуваме за етничка демократија, каде што се бара од нас Албанците да се помириме дека сме асистенти. Дека ќе бидеме помошник-директор, помошник-министер, помошник… Ние ќе помагаме за некој да се чувствува комотен.
Неодамна се случи територијална прераспределба во Албанија, со која македонското малцинство загуби три општини, а со тоа и правото на јазик и на образование. Намерно ли беше направено тоа за да се смени соодносот?
МЕХМЕТИ: Мојот став е следниов. Ниту Албанците во Македонија се заложници на Албанија, ниту Македонците во Албанија се заложници на Македонија. На Македонците во Албанија им посакувам сè што им посакувам на Албанците тука. Но не дозволувам од Тирана да ми диктираат по телефон како да му се спротивставам на Груевски, ниту, пак, би ги потценил тие Македонци таму за да ги упатувам што треба да прават.
На Балканот треба да се навикнеме покрај етничката припадност да развиваме чувство за државна припадност. И секој според околностите. Веројатно Албанците во Србија се однесуваат поинаку од нас бидејќи се два процента. Албанците во Македонија се однесуваат поинаку, нека се 25 процента, па нека се и 12 процента.
Веројатно Македонците во Албанија треба пропорционално да се однесуваат на тој свој потенцијал бидејќи, за жал, бројките се пресудни. Јас сум уверен дека Македонците во Албанија може да го проценат тој свој потенцијал и да функционираат така како што им налага тој потенцијал. И тука не ставам равенства. Од Прешево, каде што треба да функционираат сосема поинаку бидејќи не се 10 проценти, не се ниту 30 проценти, колку што сме ние, бидејќи, за жал, во демократијата решаваат бројките. А тие велат дека Македонија не може да постои без Албанците. Ако е така, го користам тој потенцијал. Друго, за да користите права треба да задоволите определени услови. Многу права што ги реализирале Албанците во Македонија, а што ги немаат Македонците во Албанија, претпоставувам се поради тоа што треба да имате бројки. За да направите филхармонија треба да имате инструменталисти, за национален театар треба да имате актери, за да имате друштво на писатели треба да имате писатели… потенцијалот се мери така. Фотографијата на личната карта на еден народ е студентската младина. Албанците го комплетираа тоа во Македонија, го немаа извесно време. И затоа сега може да се погласни. Но ние не сме заложници на Албанија. Ако некој им сече уши на Македонците во Албанија, треба да им ги исечете ушите на Албанците во Македонија? Не! Таа логика треба да се заборави. Секој во својата куќа. Затоа, на Македонците во Албанија им посакувам да реализираат сè што посакуваат и умеат да реализираат, да се чувствуваат комотно.
Тоа им го велам и на Албанците тука. Немојте да плачете дека не ви дале бидејќи така покажувате дека сте неспособни. Оттука, нема што да барате од Груевски, напротив, одете кај тие што ви ветиле, кај ДУИ и кај ДПА. Од тие луѓе побарајте. А зашто не одат, не знам.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто со Ким Мехмети е објавено во 112. број на неделникот Република, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.