| четврток, 6 декември 2018 |

ЦИА ангажирала илјада нацисти како шпиони за време на Студената војна?

ЦИА најмила еден поранешен офицер на СС силите, како шпион за време на 1950-тите, иако заклучила дека тој најверојатно е виновен за „помали воени злосторства“

Cia-lobby-seal

По Втората светска војна, ЦИА и другите американски безбедносни агенции ангажирале најмалку 1.000 нацисти како шпиони и разузнавачи за време на Студената војна, покажале неодамна откриените записи и интервјуа. Во екот на Студената војна, во 50-тите години на минатиот век, шефовите на разузнавачките служби како што се Ален Далс од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Џеј Едгар Хувер од Федералното биро за истраги (ФБИ), енергично ангажирале некогашни нацисти од сите категории како тајни, антисоветски шпиони, пренесува „Њујорк Тајмссж“ повикувајќи се на неодамна откриените записи и интервјуа.

Доказите за поврзаноста на американската влада со нацистичките шпиони почнале да се појавуваат уште во 70-тите години. Но, илјадниците записи од подоцна обелоденетите документи, заедно со интервјуата на многубројни сегашни и поранешни владини функционери,  покажуваат дека инволвирањето на нацистите во владините тајни работи било „многу подлабоко“.

Ричард Брајтмен, професор за холокаустот на Американскиот универзитет и член на владиниот тим за обелоденување на документи за воените злосторства, вели дека моралноста при регрутирањето на поранешни нацисти ретко кога била земена во предвид.
– Сето тоа произлезе од некој вид на паника, страв дека комунистите се неверојатно моќни и дека ние немавме доволно адути, објаснил тој.
Американските разузнавачки служби верувале дека вредноста која ја имала употребата на поранешни нацисти против Русите го надминувала она што еден функционер го нарекол „морален пропуст“ во нивното служење на Третиот Рајх.

Така, ЦИА најмила еден поранешен офицер на СС силите, како шпион за време на 1950-тите, иако заклучила дека тој најверојатно е виновен за „помали воени злосторства“.

Некои од ангажираните шпиони пред тоа биле на многу високи позиции во нацистичката хиерархија, а еден од нив бил и СС офицерот Ото фон Болшвинг, некогашен ментор и главен помошник на Адолф Ајхман, креаторот на антиеверјскиот план „Конечно решение“.Податоците покажуваат дека ЦИА, по војната не само што го најмила како шпион во Европа, туку и заедно со семејството, го преселила во Њујорк во 1954-та година. Кога Израелците го уапсиле Ајхман, владата на САД го заштитила Болшвинг, кој така мирно живеел уште 20 години.

Откако било откриено неговото минато, Германецот се откажал од американското државјанство, но набрзо по тоа починал.

Нацистичките шпиони за американските агенции во 1950/60-тите извршувале разни задачи – од опасни до тривијални. Така, тие биле обучувани за можен напад врз Русија, ангажирани за проучување на поштенските марки на Советскиот Сојуз во потрага по скриени значења или инфилтрирани во областите под руска контрола, иако многумина се покажале како недораснати на задачата.

Ниту еден од шпионите, колку што е познато, денес не е жив, наведува весникот, напоменувајќи дека ЦИА не сакала да даде коментар на овие информации

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top