Скопјанката Јана Ивановска е милионитиот патник на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.
Таа пристигна попладнево со летот на авиокомпанијата „Визер“ на релација Ајндховен-Скопје, а тргнала од Амстердам каде што во моментов живее и работи.
– Не очекував вакво нешто. На почетокот мислев дека е скриена камера и не знаев што се случува. Потполно сум збунета – изјави Ивановска.
Таа беше пријатно изненадена од пречекот на кој присуствуваа раководството на концесионерот ТАВ Македонија, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Ивановска ќе добие викенд-патување за двајца во Истанбул, парична
награда и хотелско сместување.
Вицепремиерот Пешевски истакна дека му е чест и задоволство што присуствува на овој настан, бидејќи со напорна работа на Владата и компанијата „ТАВ“ е остварен позитивен тренд во авиосообраќајот во Македонија,
-Во првите девет месеци на годинава постои пораст на патници за 21 отсто и надминат е бројот на милион патници на годишно ниво. Исто така, забележан е пораст на бројот на летови за 13 отсто во однос на минатата година, а постои позитивен тренд и кај карго транспортот со пораст од 40 проценти – посочи Пешевски.
Тој нагласи дека најголемо зголемување на бројот на летови има авиокомпанијата „Визер“ и додаде дека ќе продолжат напорите на Владата со активности за зголемување на летовите во Европа и светот.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, на свеченоста изјави:
– „ТАВ“ Македонија покажа одличен успех на скопскиот аеродром со 1 милион услужени патници во првите десет месеци годинава. Поради оваа причина, ја добиваме и наградата за квалитет на аеродромските услуги веќе две години по ред – истакна Крстевски и додаде дека нивната цел е да се зголеми бројот на нови дестинации и летови.
Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ваквиот позитивен тренд е благодарение на соработката помеѓу Владата и „ТАВ“.
– Лани бевме блиску да го добиеме милионитиот патник, но поради маглата не успеавме – рече Јанакиески и додаде дека бројот на патници за четири години откога ТАВ компанијата раководи со скопскиот аеродром двојно е зголемен бројот на патници.
Алпер Ерсој, заменик-генералниот директор за операции на „ТАВ Македонија,“ изјави дека откако компанијата го превзеде управувањето со аеродромот, бројот на патници и нови дестинации е во континуиран пораст.
Фото: Игор Ангеловски
Камера: Дејан Станчевски
Монтажа: Илија Јовановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Турчин се обидел со „фалц“ документи да влезе во Македонија: Кога го фатиле, побарал политички азил
-
Скопскиот аеродром да го носи името Киро Глигоров
-
Грчка „Демократија“: Коѕијас ќе бара од новата влада да ги смени имињата на аеродромот и плоштадот „Македонија“
-
Уапсен 25-годишен скопјанец на „Александар Велики“