| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се гради ново основно училиште во Центар

Ново основно училиште ќе се гради во општина Центар, во населбата Капиштец

todorovic i kralev

За ова денеска информираа министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ.

– Подолго време оваа населба се соочува со проблемот на недостиг од училиште во нивната близина. Овде, според нашите испитувања, по илјада ученици одат во подалечните основни училишта – рече Тодоровиќ.

Нагласи дека откако училиштето во урбанизмот веќе постои и е вметнато на оваа локација, непосредно пред Заводот за вработување, општина Центар како локална самоуправа ќе нарача проект кој ќе биде готов некаде до есента или до крајот на годинава.

Информираше дека се очекува до крајот на годинава или на почетокот на следната година да почне да се гради ова училиште и додаде дека овој проект Општина Центар ќе го реализира во координација со Министерството за образование и наука.

Министерот Кралев информираше дека финансиските модалитети за реализација на проектот ќе бидат разгледани заедно со Општината. Тој напомена дека на располагање се финансиските средства на Општината, буџетските средства, но и заемите од Светската банка кои се наменети за поволни услови за изградба на ваков тип објекти.

– Самата финансиска конструкција ќе биде завршена по завршувањето на техничкото решение кое ќе ја даде и точната сума за изградба. Овој објект е особено важен за општина Центар, но јас би рекол и за Град Скопје затоа што во општина Центар во последните три години е евидентиран пораст на запишани ученици во прво одделение од десет проценти. Тоа е една тенденција што очекуваме да расте, а со тоа се зголемува и бројот на паралелки во постојните училишта во општина Центар – рече Кралев.

Кралев додаде дека во општина Центар во моментов има седум училишта, а дека ова ќе биде осмо, и изрази уверување дека со просторните услови кои ќе бидат обезбедени во новото училиште ќе се овозможи тој раст на ученици да се одвива тековно.

Информираше дека, според моменталните процени, се очекува новото училиште да има капацитет од околу 700 ученици, но рече дека постои простор тој број да се зголеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top