Пред 16 години битолската штедилница ТАТ прогласи банкрот. Аферата ТАТ ќе остане запомнета како најголемата пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија, во која биле оштетени околу 13.000 граѓани за износ од над 60 милиони евра.
Аферата изби на 7 март 1997 година кога најпрво инспектори од Народна банка, а потоа и од Министерството за внатрешни работи, упаднале во седиштето на штедилницата и ги проверувале документите. Се зборувало дека доцна во ноќта, претходниот ден, некој висок владин функционер, т.н. министерот во тренерки, бил виден како излегува од штедилницата со полни црни вреќи. Полицијата наводно изнела неколку црни вреќи со документи од штедилницата, кои не биле попишани и со што се нарушила понатамошната истрага. Штедачите се собирале пред експозитурите на ТАТ за да си ги подигнат вложените пари, но тие по овој упад на властите останале засекогаш затворени.
Аферата остави длабоки траги во економијата на Македонија, особено во регионот на Битола каде што било седиштето на ТАТ. Штедачите на ТАТ останале без своите заштеди. Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица на аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубиле довербата во банкарскиот систем и ги повлекле своите заштеди од банките, што ја нарушило стабилноста на банкарскиот систем на Македонија и ја зголемило цената на кредитите на подолг рок.
Иако постојат основани сомневања, истакнати и од тогашниот премиер на Македонија, Бранко Црвенковски, дека зад аферата стојат лица од тогашната власт, виновниците за аферата досега не се пронајдени и казнети, освен директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ, Соња Николовска, која била осудена на затвор во траење од три и пол години за даночно затајување. Покрај тоа, била обвинета и за измама на 12.500 штедачи преку организирање пирамидална измама, но ова обвинение не резултирало со казнена пресуда. Партијата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски претрпе тежок пораз на изборите во 1998 година, а дел од причината за тоа се припишува токму на аферата ТАТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


