Повеќе од 500 граѓани денеска го посетија саемот за стипендии „Стипендии ЕКСПО“ што по петти пат се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје во организација на Образовно едукативниот центар.
Идните студенти, постдипломци и нивните родители имаа можност да добијат информации за студирање и стипендирање, но и други форми на финансиска помош за студирање на 23 универзитети во странство и земјава. Заинтересираните идни студенти имаа можност лично да поразговараат и да се информираат со преставниците од Универзитетите, како прв и најважен чекор за добивање стипендија.
На Стипендии ЕКСПО, своите стипендиски програми ги претставуваа универзитети и образовни институции од Македонија и целиот свет. Годинава присуствуваа 23 учесници, меѓу кои Алгонквин Колеџ, Канада,Универзитет Виндзор, Канада. Меѓународен Хеленик Универзитет, Грција,Политехнички универзитет Милано, Италија, Универзитет Католика, Италија, Хулт Меѓународна бизнис школа, Лондон, Дубаи, Бостон, СанФранциско, Шангај, СаоПаоло, Њујорк, Истанбул Ајдин Универзитет, Турција.
– Со години наназад, но се надевам и во иднина, Образовниот информативен центар – Скопје се обидува да овозможи сите овие можности да ги приближи до академската популација во Македонија преку бројни соработки со високообразовните институтции од светот. Оваа манифестација се органзираа со истата таа цел и годинава се организира по петти пат, изјави Маја Петрушева, претседател на Образовниот информативен центар –Скопје.
Оваа година поддржувач на манифестацијата е Италија, непосредно преку италијанската амбасада во Македонија, односно заменик амбасадорот Филипо Кандела.
– Италијанскиот јазик е четврти во светот по бројот на луѓе што го изучуваат. Тоа е многу важна информација, бидејќи ако го знаете јазикот секој студент е чекор поблизу да студира на престижните Универзитети во Италија, изјави Кандела и додаде дека македонските студенти се добродојдени на италијанските универзитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.