| четврток, 6 декември 2018 |

„Монструм” – Локацијата кај Смилковско Езеро не е случајна

Пресудата до која дојде БИРН ги аргументира причините што влијаеле на изрекување казна доживотен затвор за случајот „Монструм“. Адвокатите на осудените за петкратното убиство кај „Смиљковското езеро“ поднесуваат жалба и бараат јавна седница пред второстепениот суд

Sudenje protesti monstrum 02 (Custom)

Писмената пресуда за случајот „Монструм“, на која одбраната се жали, е напишана на 186 страници. Во неа судот ја образложува пресудата со која на 30 јуни ги прогласи за виновни: Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за убиство на петмина Македонци, коешто беше извршено на Велигден 2012 година, и ги осуди на највисоката можна казна под обвинение за тероризам – доживотен затвор. Пресудата, до којашто дојде БИРН, го дава текот на целото судење, заклучоците и доказите од кои судиите се увериле дека обвинетите се виновни.
Во неа Кривичниот суд аргументира дека обвинетите свесно и плански ја одбрале локацијата и времето за убиството на момчињата, дека станува збор за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот што ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или каква било друга припадност.

– Овде, во оваа судница, се судеше за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се судеше врз основа на докази според кои се одредува вина. Не се водевме според емоциите што се искажуваа во судницата, туку се водевме едноставно по тоа што како суд сме должни да се водиме, а тоа е законот – рече судијата Ивица Стефановски кога јавно ја објавуваше казната.

Главните аргументи што ги кажа судијата при објавувањето на пресудата, сега детално се објаснети во пресудата.

Локацијата кај Смилковско Езеро не е случајна

– Сите докази покажаа дека обвинетите добро ја одбрале локацијата. Тоа е локација на која секогаш има луѓе, локација која им е добро позната, место што е покрај обиколницата, а од каде што многу брзо и лесно можеле да избегаат во посакуваниот правец. Времето на извршување е непосредно пред затемнување, кога видливоста е намалена и кога од една страна знаат дека рибарите – жртвите си заминуваат, а од друга страна знаат дека не можат да бидат видени и можат полесно да се дадат во бегство без да бидат забележани – наведува судијата во писмено изготвената пресуда.

На судењето за „Монструм“ беа сослушани над 70 сведоци предложени од обвинителството и одбраната. Намерата за убиство на цивили од христијанска вероисповед во пресудата се потпира на сведоштвото на четворица рибари од ромска националност кои тој ден биле на местото на настанот.

– НН лицето кое имало пушка во рацете и кое ги пресретнало сведоците Роми, прашувајќи ги за нивните имиња се запознало со нивната верска и национална припадност, по што ги избркал од местото, а тие веднаш слушнале пукање, што значи дека биле убиени жртвите – заклучува судот.

Одбраната го оспорува сведоштвото на четворицата рибари. Таа обвинува за тенденциозност затоа што, како што велат, „никој од бранителите на обвинетите воопшто и не беше запознаен ниту известен за сослушувањето“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top