Викендот кој е пред нас е оној кога треба да ги поместиме часовниците наназад за 1 час. Во недела на 26 октомври во 3 часот по полноќ, часовникот се поместува на 2 часот по полноќ. Ќе добиеме гратис еден час спиење, но и дневната светлина ќе биде пократка во оној дел од денот кога треба да посветиме време на семејството и домот. Голем дел од луѓето ќе чувствуваат и други последици на навидум малата промена во биоритамот. Колку и да изгледа наивно сепак неколку истражувања ги нагласуват последиците од промената на сметањето на времето. Оваа промена во сметање на времето прв пат како идеа се спомнува во 1784 од страна на Бенџамин Френклин со цел да се „заштеди на сончева светлина“. Всушност идеата била да се заштеди на свеќи во текот на ноќта и утрото за време на зимскиот период. Сепак оваа идеа преминала во пракса дури во 1966 година, а во нашата земја во почетокот на осумдесеттите години во минатиот век.
Зголемен број на сообраќајни незгоди?
Сеуште постојат негодувања во научниот свет околу последиците во сообраќајот при промена на сметање на времето. Суштината на овој проблем е дали промената која се јавува во дневниот „биолошки часовник“ и во распоредот на спиењето влијае во зголемување на ризикот од сообраќајни незгоди. Едно истражување спроведено во Финска од 1981 до 2006 една недела пред и по промената на сметање на времето нема најдено значително зголемување на бројот на сообраќајни незгоди. Друго истражување пак вели дека заради оваа промена дури и се намалува бројот на собраќајни незгоди заради зголемената видливост наутро при преоѓање во зимско сметање.
Повреди на работа
Повредите на работното место во секој случај повеќе ги опфаќаат работниците кои се занимаваат со физичка работа како возачи, погонски работници, рудари и др. Во 2009 година во научното списание Journal of Applied Psychology е објавено истражување кое вели дека заради скратеното спиење во првата недела при пролетната промена на сметање на времето се зголемил бројот на повреди на работа за 5.7%. При премин во зимско сметање на времето немало промени во бројот на повреди на работа.
Повеќе срцеви напади
Во 2008 година публикувано е истражување на тим на Шведски научници кое укажува на тоа дека при пролетната промена на сметање на времето се јавува зголемување на бројот на срцеви удари за околу 5% во однос на годишниот просек. И во овој случај главен фактор за оваа појава е скратеното спиење во првата недела при пролетната промена на сметање на времето. Ненаспаноста пак, го зголемува лачењето на хормоните на стрес кои понатаму доведуваат до поголеми компликации особено кај луѓето кои веќе се ризична група за појава на срцеви удари.
Повеќе главоболка
Дневнот „биолошки часовник“ кој го споменавме претходно ги диктира лачењето на хормоните кои влијаат на нашето расположение, распоредот на јадење и спиење и други функции. Промената во ритамот на живот како последица на промена на времето кај овој „биолошки часовник“ не поминува незабележано. Кај некои луѓе во првите недели при промената на сметање на времето се јавуваат главоболки како најчест пример.
Дебелеење
Можеби наутро ќе имаме повеќе природно светло, но навечер кога доаѓаме од работа веќе нé чека мрак. Со тоа се намалува желбата за тренинг и физичка активност, а се зголемува „желбата“ за храна. Ефектот на крајот е зголемена телесна тежина.
Повеќе губење време на интернет
Иако не е сеуште научно докажано, сепак не поминува незабележан фактот дека ненаспаноста при пролетната промена на сметање на времето резултира во намалена желба за работа и фокусираност на работата. Бесцелното „сурфање“ на интернет за време на работните часови во првиот понеделник при премин во летно сметање на времето е забележано во преку 200 градови во САД. Нормално оваа појава ја намалува продуктивноста на работното место.
Извор: МЕТЕОПРО
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.