По повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба делегации од Собранието на Република Македонија, од Владата, од Министерството за одбрана, од Армијата на Република Македонија, од Градот Скопје и од Советот на Град Скопје денеска положија цвеќе пред споменикот на основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација во паркот „Жена борец“ во Скопје.
Во состав на владината делегација беа вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за здравство Никола Тодоров и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Делегациите на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Македонија беа предводени од министерот Зоран Јолевски и началникот на ГШ генерал потполковник Горанчо Котески. Цвеќе положија и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, претставници на здруженијата на борци, на дипломатските претставништва, на политички партии и други здруженија.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој ја предводеше собраниската делегација изјави дека денеска го прославуваме најголемиот празник на слободна Македонија, Денот на Македонската револуционерна борба. Можеби, посочи, требало уште после Втората светска војна од 1945 година да биде прогласен за државен национален празник, но и ова што успеавме да го направиме ние сметаме дека ќе остане како наследство за следните генерации.
– Луѓето што ја основаа Внатрешната македонска револуционерна организација на сите ни оставија голем залог. Многу од нив ја одбраа смртта за да можеме ние и нашите поколенија да живееме во слобода и сметам дека ова треба да биде потсетување дека нашата борба за слободна демократска напредна Република Македонија треба да продолжи. Оваа генерација има обврски да направи една уште подобра Македонија, уште посилна на која ќе може да се гордеат нашите предци и поколенија – додаде Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.