Поранешниот советски лидер Михаил Горбачов ги критикуваше новите закони во Русија. Ги гледа како напад врз граѓанските права и му порача на претседателот Владимир Путин да не се плаши од сопствениот народ. Тој бил изненаден од големиот број контроверзни закони усвоени во Русија од враќањето на Путин во Кремљ.
– Основна карактеристика на сите тие закони е напад врз правата на граѓанинот. Во волја на Бог, не треба да се плашиш од сопствениот народ. Тоа што луѓето го сакаат и очекуваат од својот претседател е да води отворен и директен дијалог со нив. Тоа не треба да го навредува, туку треба да се обиде да ја извлече Русија од тешката ситуација во која се наоѓа – изјави Горбачов.
Новите закони предвидуваат казни за организирање протести без дозвола, строги казни за клевета, проширување на дефиницијата за предавство и разни ограничувања на веб- страниците. Горбачов во интервју за „Би-Би-Си“ упати критики на потесникот круг соработници на Путин нагласувајќи дека е полн крадци и корумпирани службеници.
– Во неговиот најблизок круг има толку многу крадци и корумпирани службеници. Доколку работите не се променат, Русија ќе продолжи да плови како санта мраз во Арктикот – истакна поранешниот советски лидер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.