Македонија ги доби првите срeдства во износ од 52 милиони евра наменети за изградба и реконструкција на патишта во земјава од Стратегијата за партнерство со Светска банка вредна 400 милиони долари.
Договорот за користење на средствата од Светска банка наменети за изградба и реконструкција на патишта во Македонија го потпишаа денеска директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Татјана Проскурајкова, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Со овие средства, како што појаснија, ќе се финансира изградба на патните правци Бошков Мост – Дебар, Ресен – Буково и Битола – Макази.
Дополнително од Светска банка, во рамки на оваа Стратегија, следната година треба да се одобрат 100 милиони евра за изградба и реконструкција на повеќе патни правци во земјава. Меѓу нив, како што рече министерот за финансии, се Пробиштип – Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево, Гарски Мост – Извор и Ранковци – Крива Паланка.
– Проектот од над 150 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта во земјава се вклопува во еден посериозен инвестициски циклус за реализација на автопати, магистрални и регионални патишта во вкупна вредност од 1,3 милијарда евра каде што спаѓаат автопатите, регионални и локални патишта кои се инвестираат од различни извори – истакна Ставрески.
Тој потенцираше дека со реализација на предвидените патни правци значително ќе се подобри конкурентноста на македонската економија, протокот на стоки и патници и ќе се овозможи полесно да се пренесуваат стоките низ различни делови на земјата, односно и за фирмите и за граѓаните ќе се овозможат подобри патишта и безбедност на патиштата, бидејќи со проектот се опфатени и сите свлечишта што се детектирани, како и сите црни точки на патиштата.
Според Проскурјакова, ова е втор проект за патен транспорт што Светска банка го финансира во Република Македонија и претставува заем за долгорочно инвестирање.
– Заемот дава можност да се подобри патната мрежа која е неопходна за поголем раст. Подобрената патна мрежа ќе значи и подобра поврзаност, побезбедно патување што пак може да придонесе кон подобар пристап до работни места, социјални услуги до населението и помага во намалувањето на сиромаштијата и зголемување на заедничкиот просперитет – потенцира Проскурјакова.
Директорот на ЈП за државни патишта потенцира дека со денешниот договор се заокружува финансиската конструкција за реконструкција и рехабилитација на повеќе патни правци во земјава, за кои се комплетира документацијата, а градбата се очекува да почне во 2015 година.
Заемот од Светска банка е со поволни услови, со шест години грејс период и 23 години рок на отплата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.