На денешен ден пред 22 години, во 1992, тогаш веќе поранешниот министер за надворешни работи Андонис Самарас најави дека си заминува од Нова демократија поради несогласување со премиерот Мицотакис во врска со прашањето за Македонија.
Грчките весници денеска го одбележуваат овој ден, не само во рубриките „На денешен ден“ туку и со текстови во кои потсетуваат на се што се случувало пред Самарас да ја напушти Нова демократија и да го „создаде македонското прашање“.
Весниците потсетуваат дека во 1992 година се одржани неколку состаноци со кои претседавал претседателот Константинос Караманлис на кои е договорен ставот на Грција дека нема да прифати име на нашата земја кое ќе го содржи зборот Македонија ниту негови деривати.
Во април истата година португалскиот министер за надворешни работи Пињеиро, чија земја тогаш претседавала со ЕУ, предложил сложено име „Нова Македонија“. Овој таканаречен „Пакет Пињеиро“ предизвикал големи несогласувања меѓу Мицотакис и министерот за надворешни работи Самарас, и создал голем раздор во нивните односи. Мицотакис тогаш и го отстранува Самарас од министерската функција.
Грчкиот премиер Андонис Самарас денес ретко зборува за прашањето за името и секогаш кога може, ја избегнува оваа тема. Тој не одговара ниту на пратенички прашања во врска со името. Доколку неочекувано му биде упатено прашање на прес конференција во врска со Македонија, тој не пропушта да упати обвинувања и навреди, како што направи во Европскиот парламент во јули годинава кога реше дека не знаел оти постои македонски јазик и дека тој е измислен од комунистите.
Грчките аналитичари сметаат дека и сега постојат големи несогласувања меѓу Самарас и неговиот коалициски партнер, лидерот на ПАСОК, вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос за прашањето за името на нашата земја.
По последниот говор на Венизелос во ОН, во кој повтори дека Грција е за сложено име со географска одредница за сите употреби, на негова адреса беа упатени многу критики. Самарас, јавно, не рече ништо, но неколку весници, блиски на владејачката Нова демократија го обвинија Венизелос дека „фрлил бомба со говорот и го отстапил името Македонија на Скопје“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, познавачите на приликите коментираат дека нападите против Венизелос не треба да чудат, со оглед на тоа што премиерот Самарас никогаш го нема употребено терминот „географска одредница“, туку само „име за секаква употреба“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.