| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Не очекуваме датум за преговори во декември

бесими

Во декември не можеме да очекуваме дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, бидејќи во отворените теми со Брисел спаѓа и решението на прашањето со Грција, односно со соседите и реално е дека ако нема решение на името до тој период, дека земјите-членки и овојпат нема да имаат консензус за започнување на официјалните преговори.Ова во изјава за МИА го истакна заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, по неговата денешна работна посета на Брисел и средбата со директорот на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, каде разговарале за последниот прогрес-извештај за нашата земја што содржеше уште една, шеста по ред препорака за почеток на пристапните преговори.
 Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Бесими на првиот оперативец за проширување на Унијата му дал до знаење дека Македонија ќе работи на поправање на ситуацијата во пет забелешки од последниот извештај за напредокот на Европската комисија за нашата земја, додека Даниелсон му порачал и да се внимава со уставните измени.
– Денешната средба со Даниелсон беше со цел по најновиот извештај за напредокот на земјата во евроинтеграциите, директно да се запознаеме во однос на тоа што пишува во извештајот и какви се очекувањата до Самитот на Европскиот совет во декември и што би можело да се стори со цел Македонија да има повеќе аргументи пред земјите-членки на ЕУ во напредокот во евроинтеграциите – вели Бесими.
Македонскиот вицепремиер вели дека Владата знае дека во извештајот се нотирани неколку области, каде ЕУ очекува во наредниот период поголем ангажман од наша страна. Тоа, според Бесими е независноста на судството, слободата на изразување, меѓуетничките односи, политичкиот дијалог и добрососедските односи.
– Ова се пет области во кои ние сметаме дека во наредниот период е важно пред Советот на ЕУ, Македонија да излезе со нови аргументи. Сакаме да покажеме дека веднаш по добивањето на извештајот остваривме неколку дебати и средби со сите чинители во сите области и ќе продолжиме на тој начин. Водиме инклузивен процес со цел да дадеме јасна порака, не само во Македонија, туку и во Брисел. Тоа е дека ние сме сериозно заинтересирани да продолжиме со реформите во однос на европската интеграција – додава заменик-претседателот на македонската Влада.
 Во однос на очекувањата од Самитот на Европскиот совет, Бесими потврди дека, поради блокадата од Грција не може да се очекува валоризација на шестата по ред препорака на неформалната Влада на Унијата за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Сепак, според вицепремиерот, тоа не треба ниту да ја демотивира земјата, ниту да биде аргумент за застој во однос на реформите.
– Ние сакаме и испративме јасна порака до нашите парнери во Брисел дека сме сериозно заинтересирани да се фокусираме на реформите. Тука, тоа што беше споменато од Даниелсон беше и во однос на уставните измени и се очекуваат од наша страна да се земат предвид забелешките од страна на Еврокомисијата, како и на Венецијанската комисија – заклучува Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top