| четврток, 6 декември 2018 |

Балканот меѓу Русија и НАТО

rusija nato

Изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека евентуалното ширење на НАТО на земјите на Балканот е провокација, остро ја критикуваше заменичката помошник секретар на САД Евелин Фаркаш, со оцена дека станува збор за негирање на самостојноста во изборот на иднината за земјите од регионот. Да потсетиме, Лавров рече дека во Москва потенцијалната експанзија на НАТО кон Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина се доживува како неодговорна политика и провокација.

– Сите ние тука присутни знаеме дека тоа не е точно. Суверените земји имаат право сами да го бираат својот пат кон остварување на својата безбедност и стабилност. Овие коментари на рускиот министер за надворешни работи за интеграцијата на Балканот во согласност со политиката на неговата влада, се поврзани за способноста на државите на Европа сами да ги бираат своите безбедносни аранжмани и тие активности се неприфатливи. Рамнотежата, што се однесува до европската безбедност, на некој начин е разнишана од страна на Русија која активно работи на дестабилизација на соседните држави, негирајќи го нивното право сами да одлучуваат за својот пат – рече Фаркаш.

На министерскиот собир отворен за медиумите, претставниците на државите од регионот не ги коментираа руските реакции на балканските нато аспирации, но за Радио Слободна Европа министерот за одбрана на Косово Агим Чеку оцени дека сите држави па и Србија имаат јасна определба кон евроинтеграциите.

– Таквите коментари ги сметам за провокации. Секоја суверена земја има право сама да ја одреди својата политика и јасно е дека сите земји на Балканот се определија дека сакаат да бидат полноправни членки на ЕУ, каде и географски и цивилизациски припаѓаат. Вклучувајќи ја и Србија. Иако Србија има динамична соработка со Русија, лично мислам дека тоа е само за да го скуси својот пат до интеграциите во ЕУ. Таа е многу јасно определена за членство во ЕУ, така Русија треба да знае дека волјата на сите држави и народи тука е да бидат дел од ЕУ, а мнозинството од нас да бидеме и во НАТО.

Состанокот на министрите за одбрана на државите членки на Американско-јадранската повелба А-5, се одржа во рамки на Сеопфатниот регионален министерски состанок кој се одржува со цел на развој на соработката на регионалните центри за обука, за да се развијат заеднички капацитети за операции за поддршка на мирот и управување со кризи.

Од НАТО сојузот уште еднаш е упатена порака дека Алијансата продолжува со политика на отворени врати, што е порачано од неодамнешниот самит во Велс, за да се оствари визија на целосна слободна Европа, рече заменикот помошник на генералниот секретар на НАТО Џонатан Периш. – Самитот е организиран во најпредизвикувачко безбедносно опкружување кое сме го имале во Европа во долг временски период: на исток руски илегални активности во Украина, а на југ терористички активности кои себеси се нарекуваат Исламска држава. Тоа ја потврди важноста на клучната тема на самитот дека нашата визија за Европа како целосна, слободна и во мир – е под закана.

Министерот за надворешни работи и европски интеграции Игор Лукшиќ уште еднаш ја повтори одлучноста на Црна Гора да ги исполни барањата за НАТО и до крајот на годината да добие покана за членство и дека освен во ИСАФ мисиите во Авганистан, Црна Гора е подготвена да учествува и во други меѓународни мисии. – Исто така, подготвени сме да соработуваме во регионот поврзано за други глобални предизвици со кои сите се сретнуваме, во Украина или опасностите кои ги претставува ИСИЛ.

Американско-јадранската повелба е воспоставена во 2003 година, кога министрите за надворешни работи на САД, Албанија, Хрватска и Македонија во Тирана го потпишаа тој документ. Босна и Херцеговина заедно со Црна Гора пристапи во полноправното членство на Повелбата во 2008 година, а во оваа иницијатива Србија има статус на набљудувач. 

(РСЕ)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top