| четврток, 6 декември 2018 |

Грција: Истрага за документарецот за Златна зора

zlatna-zoraГрчкото обвинителство нареди истрага за документарниот филм емитуван на британската телевизија „Канал 4“, во кој е прикажан кандидат за пратеник на неофашистичата партија Златна зора како повикува да се направи сапун од имигрантите. Документарецот, насловен „Чистачите“ кој го сними студентот по филмска режија на Константинос Јоргусис, го следи Александрос Пломаритис низ Атина еден месец минатото лето, и прикажува членови на партијата кои отворено разговараат за тепање имигранти. Во филмот Пломаритис вели „подготвени сме да ги вклучиме рерните“ и повикува од имигрантите да се направат сапун и лампи. Портпаролот на Златна зора, Илиас Касидиарис, го опиша видеото како „трагикомично“, а ставовите прикажани во него „смешни“.

– Бев преплашен од тоа што овие членови беа горди да ги изразат своите екстремни идеи отворено во јавност за време на кампањата. Бев шокиран од нивното непријателство и од начинот на кој тие ги третираат имигрантите во Атина – вели Јоргусис пишувајќи за неговите искуства додека снимал.

Тој, исто така, истакнува дека на моменти бил загрижен од нивото на поддршка од страна на грчкиот народ. Во изјавата за вестите на „Канал 4“, пратеникот на Нова демократија, Андонис Јоргиадис, рече дека мислењата изразени од страна на поддржувачите на Златна Зора не се мислења на мнозинството Грци. Тој истакна дека екстремната десничарска партија е срам за грчкото општество и демократија, но додаде дека грчкиот народ е под голем притисок и оти тоа предизвикало некои избирачи да го дадат својот глас за Златна зора.

– Со оглед на тоа што мојата земја се соочува со финансиска и социјална пропаст, Златна зора стана главен вентил за бесот на јавноста – рече Јоргиадис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top