| четврток, 6 декември 2018 |

Шесто издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност – „Десонанц“

unnamed

Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност „Десонанц“, оваа година ќе се одржи од 22 до 25 октомври на различни локации низ градот.

Фестивалот ќе биде отворен на 22 октомври во 20 часот, во Кинотека на Македонија со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година, кои пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен. Освен тоа, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички видеа направени за телевизиски потреби.

Музичката програма на фестивалот ќе почне истата вечер во 24 часот во клубот „Капан-ан“ со програмата „Бткрш најт“, која се реализира во соработка со колективот „Биткреш“, еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава. Со свој сет ќе се претстави германскиот изведувач Опиум Хам, чиишто фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „буден сон“ на кој совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни технозвуци на Еншнт Методс. Секако, вечерта не би била комплетна без сетовите на Марчин и Андреас Херц од „Бткрш“ специјално подготвени за ова фестивалско издание, како и без визуелизациите на веќе реномираното виџејско дуо од Скопје Лејзи Кидс Вижуалс, кое ќе се погрижи за визуелниот израз на настапите.

На 23 октомври во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје сите фанови на Берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат панел-дискусијата во која ќе учествува еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл алијас Опиум Хам.

Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25 октомври во клубот „Станица 26“ каде што покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото „Бранд Брауер фрик“, кое ја фасцинира публиката во светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника. Нивната музика е провокативна, понекогаш и контрадикторна, не може да се опише, но грандиозна е кога ќе се доживее.

Влезот во Кинотека на Македонија и Отворено графичко студио е слободен.

Билетите за „Капан-ан“ чинат 300 денари, а за „Станица 26“ 200 денари и може да се набават пред почетокот на најавената програма на самиот влез во клубовите.

Фестивалот го организираат Гете-институт, Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот „Бтктш“ кон фестивалскиот тим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top