Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и членовите на владината делегација во чиј состав се заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Горан Мицковски и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, во текот на вчерашниот ден се обратија на бизнис форум во Лондон, при што ги презентираа поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
На бизнис форумот во Лондон присуствуваа претставници на над стотина компании од различни области како што е финансискиот, услужниот, производствениот сектор, информатичката технологија и градежништвото.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните изјави дека македонската Влада е пријателски настроена кон инвеститорите и бизнисот.
– Важно е дека ние сме влада која е многу пријателски настроена кон бизнисот. Почнавме да работиме заедно со бизнис секторот за да ги слушнеме нивните потреби, барања и проблеми. Имајќи ги предвид токму тие проблеми и најдобрите меѓународни искуства, направивме многу промени во законодавството и во неговото спроведување и бележиме голем напредок – изјави премиерот Груевски.
Toj се осврна и на макроекономските показатели, кои покажуваат стабилност и раст.
– Само да споменам дека минатата година бележевме економски раст од 3 проценти, што претставуваше и трет најголем раст во Европа. Оваа година, во првите шест месеци, имавме раст од 3,9 проценти, во првиот квартал 3,5, во вториот 4,3, што во просек е 3,9 и преставува најголем раст во Европа во првите шест месеци. Извозот иста така бележи голем раст од 18 проценти во првите седум месеци од оваа година и сите други економски параметри се движат во добра насока – изјави премиерот Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека Владата е посветена и кон инвестиции во инфраструктурата и дека моментално се градат 3 нови автопати, железница кон Бугарија и паралелно се преземаат активности за процесот на гасификација.
Вицепремиерот Зоран Ставрески посочи дека бизнис форумот во Лондон се карактеризира со одлична посетеност на компаниите и има присутни компании кои што се базирани и работат во Англија, но и глобални компании од повеќе различни сектори, од производствениот, услужниот и финансискиот сектор, компании од информатичката дејност.
– Задоволство е што тука се присутни и компании кои веќе инвестирале во Република Македонија и кои што најдобро зборуваат за своето искуство од инвестирањето во државата што е добра препорака за оние што размислуваат понатаму да инвестираат во нашата земја. Може да се истакнат извонредните услови што ги имаме како во делот на даночните поволности, така и во поглед на растот и перспективите на македонската економија, квалификуваната работна сила и се она што Македонија ја прави исклучително атрактивен модел за инвестирање за англиските инвеститори. Очекувам врз основа на големиот интерес кој што денес беше покажан и разговорите кој ги имаме со компаниите и поединечните инвеститори еден дел ќе дојдат во Македонија, а еден дел ќе се решат и да инвестираат – истакна вицепремиерот Ставрески.
Министерот Горан Мицковски во своето обраќање се задржа подетално на реформите и поволностите кои се нудат во даночната и финансиската сфера, како и добрата бизнис клима која веќе постои и можноста за интензивна соработка и комуникација на потенцијалните инвеститори со владините институции.
Директорот на компанијата „Томас Милер Инвестмент“, Аби Оладимеџи изјави дека на форумот имал можност да дознае многу информации во врска со инвестициската клима во Република Македонија.
-Се гледа посветеноста на владините претставници во привлекување на странски инвеститори. Политиките за инвестирање за кои разговараше Премиерот за земја како Македонија се извонредни и одлични. И од она што го слушнав се гледа дека постои добра клима за инвестирање – изјави Оладимеџи.
Директорот Клаус Смит Солбакен кој ја предводи компанијата „Арбан Груп“ која доаѓа од финансискиот и консалтинг сектор изјави дека Македонија може да понуди многу интересни можности за инвестирање, особено во сферата на банкарството, инвестициските фондови или отворање на оперативни претставништва во Македонија користејќи ги предностите во даночната и останатите сфери. Тој посочи дека македонската Влада овозможува за инвеститорите многу интересни поволности, но не само тоа туку и добра инфраструктура, што е одлично за отпочнување на бизнис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски