| четврток, 6 декември 2018 |

Над сто аџии пристигнаа во Македонија преку граничниот премин Деве Баир

Првите 137 аџии од вкупно 703, колку што се очекуваат да пристигнат по сувоземен пат од Саудиска Арабија, денеска пристигнаа во
земјава преку граничниот премин Деве Баир, на македонско-бугарската граница.

Сите патници подлежат на прегледи и контроли, во согласност со заклучоците на Комисијата за заразни болести, што ги спроведуваат Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје од Куманово, кои 24 часа дежураат на овој граничен премин.

Според д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје од Куманово, сите патници кои досега ја минале границата, се во добра здравствена состојба.

– На преминот на патниците им се прави епидемиолошка анкета и им се мери температура заради спречување на евентуални можности од пренесување на колера, маларија и ебола.

Понатаму, тие се упатуваат на 21-дневен здравствен надзор во центрите за јавно здравје, вели д-р Стаменковска.

Таа нагласува дека во целост се почитуваат препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести. Во следните седум до десет дена се очекува да пристигнат и преостанатите македонски државјани, кои во изминатите дваесетина дена престојуваа на аџилак во Саудиска Арабија, а во земјава се враќаат по сувоземен пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top