Првите 137 аџии од вкупно 703, колку што се очекуваат да пристигнат по сувоземен пат од Саудиска Арабија, денеска пристигнаа во
земјава преку граничниот премин Деве Баир, на македонско-бугарската граница.
Сите патници подлежат на прегледи и контроли, во согласност со заклучоците на Комисијата за заразни болести, што ги спроведуваат Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје од Куманово, кои 24 часа дежураат на овој граничен премин.
Според д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје од Куманово, сите патници кои досега ја минале границата, се во добра здравствена состојба.
– На преминот на патниците им се прави епидемиолошка анкета и им се мери температура заради спречување на евентуални можности од пренесување на колера, маларија и ебола.
Понатаму, тие се упатуваат на 21-дневен здравствен надзор во центрите за јавно здравје, вели д-р Стаменковска.
Таа нагласува дека во целост се почитуваат препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести. Во следните седум до десет дена се очекува да пристигнат и преостанатите македонски државјани, кои во изминатите дваесетина дена престојуваа на аџилак во Саудиска Арабија, а во земјава се враќаат по сувоземен пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.