| четврток, 6 декември 2018 |

Кукулев: Македонската историја како филмско сценарио

unnamed (2)Желбата да се дознае нешто повеќе за подготовките за атентатот на Владо Црноземски, Македонец од Штип, врз српскиот монарх Александар Караѓорѓевиќ, во Марсеј, Франција, настан за кој Европа почнува да посочува со прсти меѓу себе барајќи го виновникот, го втурнува Александар Сашко Кукулев во истражување низ написите во весниците од тоа време, но и низ сознанијата на други заинтересирани за тој период.

-Сакав да прочитам нешто за атентатот во Марсеј, но сфатив дека македонските историчари немаат ништо на оваа тема и решив да ја истражувам. За овој настан конкретно во Македонија нема или има многу малку информации. Морав да ги користам весниците кои што излегувале во тоа време во Бугарија, Во Хрватска и во Србија, но и интернет форумите како места каде се среќаваат ентузијасти како мене со историчари кои знаат многу повеќе за овие настани.

unnamedКако резултат на тоа истражување на Кукулев е романот „ Патувањето на Петар Келемен“. За романот се вели дека „се чита во еден здив“.Со префинет стил на искусен раскажувач, авторот успева да ги долови најсуптилните моменти од трагичните животи на главните ликови, кои иако се движат по различни идеолошки патишта, успеваат да се сплотат во својата сопствена несреќа, шокирајќи го континентот кој и онака веќе беше во длабока подготовка на новата војна. Кукулев за „Република“ вели дека македонската историја е интересна и за книга, но и за сценарио за филм со кој би се привлекло интересирањето на младите за минатото.

unnamed (1)-Многу, дефинитивно. Кога за еден настан како што е овој од Марсеј 9 октомври 1934 се знае толку малку, воопшто да не разговараме за македонското револуционерно движење или за организацијата во дваесетите, триесетите години до почетокот на втората светска војна. Тие работи во македонската историја се малку познати за широката јавност. Сега се прават некои обиди, почнуваме да гледаме документарни филмови на таа тема што е сосема во ред. Но дури сега, а самостојна држава сме над 20 години. Сега почнуваме да се ослободуваме од стегите. Лично сметам дека бевме малку инфериорни, несигурни сами во себе, да не ни рече можеби некој дека грешиме. Ние треба да бидеме горди со тоа што е наша историја, не треба да бегаме од фактите дека идеолошки сме оделе лево или десно , тоа на крајот на краиштата е нашата историја. И не може да бегаме од историскиот контекст- посочува Кукулев за Република по промоцијата на „Патувањето на Петар Келемен“ одржана токму на 80 годишнината од атентатот во Марсеј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top