Американците својата ракетна флота ја испратија в пензија во 2011 година, но сега најавуваат дека „Боинг“ и „Спејс икс“ први ќе конструираат комерцијални вселенски бродови. Пред повеќе од два месеца завршија 45 години откако Нил Армстронг стапнал на Месечината, а на Земјата се слушнаа сега веќе легендарните зборови: „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. Истата таа 1969 година Армстронг и членовите на експедицијата „Аполо 11“ во рамки на турнејата по 22 земји ја посетија Југославија. Претседателот на СФРЈ Јосип Броз – Тито го одликуваше Армстронг со орден со југословенска ѕвезда со лента, а тој на Броз му врачил примерок од Месечината, кој сѐ уште се чува ов Музејот на историја на Југославија.
Раскошниот прием во чест на космонаутот, сепак биле само појавни, допадливи форми на многу поопасниот процес, кој се одвивал во заднина. Студената војна и судирите меѓу Американците и Русите се прелеа надвор од границите на Земјината орбита и почна т.н. трка во вселената.
Кризата во Украина повторно во меѓународните односи внесе дух на студена војна, а исто како и пред неколку децении тензијата меѓу Вашингтон и Москва е пресликана и на вселената. Не треба да нѐ збунува информацијата од пред неколку дена дека рускиот вселенски брод со мешовит американско-руски екипаж влезе во Меѓународната вселенска станица, по шест часа откако беше лансиран од рускиот вселенски објект во Казахстан. Вселенскиот брод „Сојуз ТМА 14М“, се придружи на лабораторијата што е сместена 364 километри над Земјата, а во неа стигнаа рускиот космонаут Александар Самокутајев и американецот Бери Валмор, како и Русинката Елена Сервова, на која ова ѝ е прво патување во вселената, пренесе АП. Капсулата е лансирана од платформата „Бајконур“ во Казахстан, која Русија ја зема под закуп.
Мешовитиот екипаж така го почна планираниот шестмесечен стаж во Меѓународната вселенска станица, придружувајќи се на тричлениот екипаж што веќе се наоѓаше тука. Меѓутоа, ваквиот заеднички потфат не значи продолжеток на кооперацијата меѓу Американците и Русите во вселената, туку може да се каже дека е исклучок од правилата ако секој тргнеше по свој пат.
Откако во 2011 година беше повлечена американската флота, руските вселенски бродови Сојуз служат како единствено средство за транспорт на екипажите до вселенската станица и назад, а трошоците изнесуваарт 71 милион долари по седиште.
НАСА едноставно објави дека компаниите Боинг и Спејс-икс ќе ги конструираат првите два комерцијални вселенски бродови, кои треба да превезуваат космонаути на Меѓународната вселенска станица, со што би се завршил периодот на доминација на рускиот Сојуз. Се работи за договор потенцијално вреден 6,8 милијарди долари, рече шефот на НАСА Чарлс Болден, кој најави програма во вселенскиот центар Кенеди во близина на Кејп Канаверал во Флорида.
Боинг го доби најголемиот дел од договорот – 4,2 милијарди долари, а 2,6 милијарди одат на Спејс-икс.
– Денес направивме голем чекор, кој нѐ приближува до можноста да лансираме космонаути од САД во американскиот вселенски брод. Тоа што ја дадовме работата на приватната индустрија овозможува на НАСА дополнително да се концентрира на амбициозниот пат на Марс – најави Болден. Првите летови на тие бродови се очекуваат во 2017 година.
Американците својата ракетна флота ја испратија во пензија во 2011 година и од тогаш се зависни од Русите. По 134 летови во вселената, во 30 бурни години, низа успешни историски мисии, две трагедии и 14 мртви космонаути, се чинеше дека Вашингтон повлече сопирачка на својата вселенска програма. Аналитичарите тогаш оценија дека администрацијата на Барак Обама со укинувањето на летовите на американските вселенски бродови, штафетата на трката во вселената полека ја препуштаат на Русите.
Меѓутоа се утврди дека било прерано за отворање шампањ во Москва. Новата студена војна ги донесе истите симптоми како на претходната. Исто како тогаш кога кон крајот на 60-тите години и САД и Русија вложуваа огромна сума на пари за да испратат човек на Месечината. Американците беа побрзи и ја однесоа победата во првата рунда.
Втората одамна почна, а целта е уште повисока – првиот човек на Марс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.