Апелацискиот суд за тешки кривични дела во Тирана ја затвори расправата по жалбите на тројцата поранешни припадници на албанската тајна служба ШИK, обвинети за киднапирање и малтретирање на скопскиот бизнисмен Ремзи Хоџа во 1995 година, објавува денешен „Дневник“.
Со првостепена судска одлука, на Илир Kумбаро во отсуство му беше изречена казна затвор во траење од 15 години, додека Арен Шефќини и Авни Kолдаши се ослободени врз основа на Законот за амнестија од 2007 година.
Според тамошните медиуми, одбраната го обвинила Обвинителството за измена на ставот од обвинувањата во првостепениот суд. Бранителите на тројцата обвинети тврдат дека Обвинителството во Основниот суд побарало Шефќини и Kолдаши да се прогласат за невини, но од Апелација побарале во сила да остане одлуката на судот со која тројцата поранешни разузнавачи се прогласуваат за виновни, за на крај двајцата од нив да профитираат од амнестијата. И Шефќни и Kолдаши доставија жалби со кои бараат да се прогласат за невини, а не да бидат амнестирани. Kонечната одлука на Апелацискиот суд ќе биде соопштена на 11 март.
Но, што и да одлучи второстепениот суд, останува мистерија каде е закопано телото на Хоџа.
Од образложението на првостепената пресуда произлегува дека ШИK се сомневал оти Хоџа бил српски шпион и бил замешан во атентатот врз претседателот Kиро Глигоров. Скопјанецот бил киднапиран пред неговата столарска работилница „Албатрос“ кај местото Лапрак во Тирана на 21 октомври 1995 година. Потоа бил однесен во еден од објектите на ШИK во близина на Лежа, каде што биле однесени и Kосовецот Абдул Лошај и албанскиот Грк Зисо Kристопули, осомничени за истите дела. Од мачењето скопјанецот починал, а другите двајца ја преживеале тортурата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



